| четврток, 6 декември 2018 |

Притвор од 30 дена за Петрески и соработниците

Судот им одреди триеседневен притвор на поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, и на уште три лица кои со уште 10 лица беа уапсени во четвртокот, во полициската акција „Јагула“, во која двајца од осмоничените сè уште се во бегство.

Во Основниот суд Скопје 1 во петокот беа спроведени 14 лица осомничени за кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „фалсификување на службена исправа“, „примање поткуп“ и „оштетување и повластување на доверители“.

Судот донесе одлука на Петрески и на уште три лица, З.Ш., Е.С., Г.С. да им одреди мерка 30 дена притвор.

Притвор од 30 дена во отсуство им е одреден и на двајцата осомничени во бегство од кои едниот е во странство, а по другиот сè уште се трага , додека на 10 лица им одреди мерки за претпазливост, односно обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Поранешниот градоначалник на Охрид од криминалот што го направил зел повеќе од два милиона денари, легализирал противправна имотна корист во износ од 15.892 денари и примил поткуп од над 700.000 денари.

Во полициската акција „Јагула“ којашто беше спроведена во четвртокот беа приведени вкупно 14 лица, еден од осомничените е надвор од земјава, а по друг се трага.

Приведени се сите вработени во општина Охрид, кои работеле додека Александар Петрески беше градоначалник. Се сомничат за криминал со злоупотреби при спроведување на постапки за јавни набавки спротивно на законските прописи со привилегирање и во полза на повеќе правни и физички лица блиски до членовите на криминалната група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top