Одржливиот развој е тема најдиректно поврзана со еден од најболните глаголи во историјата на лингвистичкото програмирање: НЕМА.
Одржливиот развој како да ја сфатил старата еврејска поговорка која вели – најтешко е да имаш, па да немаш…
Тоа е приказна за планетата Земја. Час пребогата и преубава, час истрошена и опустошена. Приказната за наталожениот јаглен во нејзината утроба, којшто има ограничен број тони и еден ден сосема ќе го снема, и ќе нема ниту нафта, ниту струја, ниту техника, ниту интернет, ниту авиони… верувале или не!
Од тие причини некој доволно паметен, се сетил да го измисли рециклирањето, и тоа веќе со децении си функционира како уметност на обновување. Во зародиш, но сепак уметност.
Инаку, сè се троши со брзина на светлината! Брзината на трошењето е поголема од брзината на обновувањето. Или што би рекол Ајнштајн, станува збор за паралелни светови коишто никогаш нема да бидат доведени во релација. Во еден се троши, во друг се црпи, во трет се трансформира…
И во купатилото работите не стојат подобро. Тоалетната хартија се троши побрзо од планираното, колку и да се големи скришните резерви наоколу. Прво на нејзиното место гледаш салфетки, па кујнски бришачи, па палома од јакната и на крај – ништо! Мора да тркнеш до најблиската продавница… и да внимаваш да не биде од рециклирана хартија. Не мора да е органик, но барем трослојна. И да има отвор во средина.
Друг добар пример е џезот. Ако се примени начинот на кој џезистите ги осмислуваат своите импровизирани композиции и како нивната инспирација и креативни домино ефекти во бескрајното надоврзување и меѓусебна игра на инструменти има тенденција никогаш да не заврши, секогаш да има уште, и повторно, и уште поубаво и погенијално и никогаш исто и никогаш здодевно… ете ја формулата…? За оној што има уши да слушне, се разбира…
Уши или срце? За некого и кардиолошките клиники и здравствениот туризам се интересен извор на ресурси и бунар без дно, од кој секогаш може да се црпне пак и пак. Секогаш ќе има муштерии на кои итно ќе им треба нов стент и ќе бидат подготвени и да подигнат кредит ако веќе немаат готовина (не оној хрватскиот) да си дозволат еден со подобар квалитет.
Мафијата. Организираниот криминал. Што? Ништо. Еднаш еден странец преминувајќи го граничниот премин за влез во државата рече дека имал нос да намириса корупција во воздухот. Го прашав – има ли ознака во периодичниот систем на елементи? Како мириса кај вас дома? И има ли дупка во средината? Странците секогаш одмолчуваат кога не можат со зборови да ви објаснат дека „lost in translation“ е загубен во ресурсите, исто така.
Хонорарите на невработените. Од нив секогаш може да се црпи како од националните резерви. Кога шумата е заштитена со закон за забрането сечење дрва за огрев, нормално дека се зголемува движењето за изнаоѓање дупки во законот, слично како што во вонредна состојба на војна, убивањето не е казниво, а смрзнатите што дезертирале и се кријат по дома, излегуваат ноќе и скришно ги сечат уличните бандери за да ги искористат за греење, бидејќи никаде во законот нема забрана за сечење бандери. Тешко на онаа шума што израснала надвор од националните паркови и тешко на убедените хонорарци коишто измислуваат милион споредни професии во потрага по алтернативен приход. Барем да ги користат бандерите за огласување.
Како и да е,новиот закон за хонорарите сигурно ќе има еден силен домино ефект – ќе го зголеми одливот на млади мозоци по метар квадратен и по глава на жител.
Инаку следната градација: капе/се цеди/се филтрира/тече/се прелева итн. може да послужи како добар шлагворт на прашањето = а законот кој го измислува? Дали законот постои за луѓето или луѓето за законот?
И додека Норвежаните сè повеќе инвестираат во откуп на ѓубрето од другите земји со цел негова магична трансформација во (pet) тоалетна хартија од почетокот на приказната, некој сè уште си го дозволува луксузот да се сомнева во тоа дека токму отпадот ја крие тајната на одржливиот развој на цивилизацијата.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



