
Колумнист: Горан Момироски
Ако се анализираат зборовите на шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер, покрај финансиските прашања, спорот за името треба да биде меѓу клучните теми во односите меѓу Германија и Грција. За време на панелот на конференцијата на Институтот „Аспен“ првиот германски дипломат, одговарајќи на прашањето зошто во ЕУ нема јунак што, конечно, ќе ѝ каже на Грција да запре со дипломатското насилство и со блокадата за Македонија, отворено проговори за темата за која претходно, со поголема доза на таинственост, говореше и канцеларката Меркел. Франк Валтер Штајнмаер призна дека иако и Британија и Германија, чиишто министри беа домаќини на конференцијата во Берлин, имаат влијание, понекогаш некој, во случајов Грција, воопшто не ги слуша, што би можело да значи дека и Берлин и Лондон директно разговарале со Атина за односот кон Македонија, а за тоа јавноста не знае ништо. Штајнмаер во одговорот зборуваше за името како за критична тема и за тајна дипломатија и притоа ја упати и најсилната порака што не ѝ се допадна на официјална Атина. Штајнмаер направи паралела меѓу финансиската криза и прашањето за името, при што рече: „Ако земјите-членки се присилени да најдат решение за економската состојба во Грција, тогаш треба да се најде начин да се решат и другите отворени прашања, како што е името“.
Штајнмаер бара да не се очекува решение во наредниве две или четири недели, алудирајќи на тоа дека e речиси невозможно да се дојде до договор до средината на декември, кога во Брисел ќе се решава за препораката за почеток на преговори за Македонија. Германскиот дипломат индиректно ја повика Грција да биде поодговорна, во исто време признавајќи дека никој не може да ѝ наметне решение. За Штајнмаер единствениот начин да се дојде до решение е да се убедат партнерите да направат одредени чекори. Иако е логично да се мисли дека во случајов за партнери можат да се сметаат и Грција и Македонија, сепак, според контекстот на обраќање, оваа порака се однесува на Грција како членка на ЕУ, а која немаше свој претставник во Берлин. Во делот за Македонија водителот на дебатата не пропушти да ни порача дека место споменици на Александар Велики треба да се поработи на економијата и на поголеми реформи за приближување до Брисел. Честа на Македонија на конференцијата ја бранеше министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој не пропушти да потсети дека Македонија во минатото правела сериозни компромиси, но дека од тоа немало никакво фајде. Попоски говореше за прифаќањето на бесмислената привремена референца во ОН, за промена на знамето со цел да се добијат гаранции од Грција дека Македонија нема да блокира, но тоа не се случило.
– По сето тоа ја научивме лекцијата дека во ЕУ има такви што се внатре и такви што се надвор, а кај тие што се членки не важат ни меѓународното право ни пресудата на Меѓународниот суд на правдата – рече Попоски, кој во излагањето со доза на дрскост најави дека Македонија ќе го добие заслуженото, без разлика на грчките блокади.
Што се крие зад оставката на грчкиот амбасадор во Берлин?
Еден и пол месец по оставката на грчкиот амбасадор во Берлин Панајотис Зографос, ниту тој, ниту грчкото МНР, не објави зошто се повлече од една од најпрестижните дипломатски дестинации. Панајотис Зографос даде отказ само 24 часа откако Антонис Самарас ненајавено се сретна со канцеларката Меркел на 22 септември. Шеесетгодишниот дипломат, кој е еден од најпочитуваните грчки амбасадори, тогаш само откри дека причините за оставката можат да се најдат само во писмото што го испратил до своето министерство, од каде што, пак, тврдат дека такво писмо воопшто не постои. Се разбира, за нас е помалку интересно тоа што Зографос му е втор братучед на Самарас од тоа што стои зад неговата експресна одлука, особено ако се знае дека тој важи за смирен и стабилен човек, кој никогаш не направил ваков радикален чекор.
Според дел од грчките медиуми, Зографос бил навреден од фактот дека не бил дел од делегацијата што ја предводел Самарас на средбата со Меркел и со нејзините соработници, но амбасадорот негираше. Втората причина за повлекувањето на еден од најважните грчки дипломати во уште поважна дестинација е тоа што Самарас не ја послушал неговата препорака да не доаѓа во Берлин затоа што таму нема да добие јавна поддршка за неговите позиции и барања, што не беше потврдено од никого, освен од канцеларката Меркел, која, како што предвиде и Зографос, не го дочека Самарас со одушевување, како што беше на средбите во екот на најголемата финансиска криза.
За нас, сепак, најважна е третата информација, односно шпекулација на дел од грчките дипломатски кругови, според која искусниот дипломат, кој служел во десетина земји, не сакал да биде запаметен како човек што ќе биде виновен за решение за името, кое не ѝ одговара на Грција. Грчките медиуми веќе информираа дека Самарас го обвинил својот амбасадор за нарушениот имиџ на земјата во Германија, но дел од грчките аналитичари се сигурни дека Зографос во истиот контекст бил обвинет и за сѐ поголемата германска вклученост во спорот за името, односно дека не успеал да го спречи Берлин да говори јавно за потребата од компромис од двете страни во спорот. Други извори, пак, одат чекор понатаму и тврдат дека Зографос меѓу јануари и мај очекува голем притисок од страна на Берлин кон Атина во врска со името, нешто што индиректно го најави и Штајнмаер, а делумно и канцеларката Меркел, која по средбата со Нимиц на двапати јавно проговори за спорот меѓу Грција и Македонија.
Грчки извори велат дека Македонија била дел од караницата меѓу еден од најблиските соработници на Самарас, Крисанос Лазаридис, и амбасадорот Зографос, при што дипломатот бил обвинет дека тој и неговите педесетина соработници ја загубиле битката за името во најважната европска држава и покрај фактот што против себе имале амбасада во која покрај амбасадорката Утевска имало само уште тројца вработени.
Многу жртви на спорот за името
Меѓу најпознатите грчки „жртви“ на спорот за името може да се смета дури и актуелниот грчки премиер Самарас, кој на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, незадоволен што тогашниот премиер Мицотакис се согласил со употреба на зборот Македонија, се отцепи од Неа демократија и формираше своја партија. Жртва беше и Мицотакис, кој мораше да распише избори без поддршката од својот најрадикален соработник. На дипломатско ниво, покрај амбасадорот Зографос, уште еден грчки дипломат мораше да ја прекине кариерата поради своите ставови. Најголемата грешка на амбасадорката Дора Гросоманиду пред четири години беше што во изјава за странски медиуми порача дека македонската нација постои во реалноста и индиректно дека Грција не може да се бори против силните аргументи на официјално Скопје, кое бара дел од македонскиот идентитет.
(Текст објавен во 115. број на неделникот Република, 14.11.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


