| четврток, 6 декември 2018 |

На Македонија ѝ требаше „Скопје 2014“

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

На Македонија ѝ требаше „Скопје 2014“!

Ѝ требаа и јарболите, и спомениците! Ѝ беше потребен блесокот на старо-новиот театар, велелепните музеи покрај Вардар! Ѝ требаа сите прекрасни нови зданија, булевари, паркови…, за Скопје да биде тоа што е – метропола на државата.

На Македонија ѝ требаа(т) и спортски(те) сали и терени, разните инфраструктурни решенија; новите и реновирани училишта и градинки, модерни(зирани)те болници и лаборатории; ѝ требаa и новите или подобрени студентски домови, но и ниската партиципација – за студирањето да не биде привилегија на поединци, ѝ требаa бесплатните учебници, и раното изучување на странски јазици*, компјутерите за учениците и студентите/апсолвенти*, бесплатните (масовни) ИТ-обуки на возрасните граѓани, бесплатниот интернет. Ѝ требаа модерните аеродроми – огледало на секоја држава, патиштата и автопатиштата – во интензивна градба…!

На Македонија ѝ треба(ше) сето она што не беше направено/изградено во годините зад нас, а влијае на животот на граѓаните, и на угледот на државата!

* Пред околу деценија и пол, употребата на компјутерите кај нас беше на многу ниско ниво. И на персонално и на институционално ниво! Подготовката на текстови со застарените машини за пишување не беше лесно; удирањето по тврдите типки оставаа (текстуална) трага на хартијата, но оставаа и трауматски последици на прстите на “пишувачот”! Во тоа време, Erste Bank од Виена (Австрија) на своите вработени, независно од позицијата, им подаруваше лаптоп! Да научат да ја користат иновативната информатичка технологија. Во тоа гледаа бенефит за вработените, за компанијата, и за општеството во целина (Виена, 2002). Во Македонија, така гледаше на работите (таков став имаше) владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тргнувајќи од тоа дека во совремието „тешко може да се замисли каква било работа без основни познавања од информатичката технологија и користењето на компјутерите и Интернетот“, со самото доаѓање на власт (2006), владата предводена од оваа партија ја почна реализацијата на проектот „Компјутеризација на Македонија”, предвиден во нивната изборна програма 2006-2010. Интенцијата им беше – преку што побрз влез и примена на современи информатички технологии и системи, оваа иновативна технологија широко да навлезе во сите пори на современиот начин на живеење на македонскиот граѓанин, а во функција на побрз економски развој и приближување кон европските стандарди на информатичко работење. Целта е постигната. Денеска, со задоволство, а без претерување, може да се каже дека, генерално, имаме информатички писмени граѓани, и млади генерации со посебни вештини и креативност на ова поле! Особено значајно е што користењето на овие технологии е на ниво на целата држава, што во голема мера ја зголеми ефикасноста на институциите; реалност, со која Македонија може да се гордее! Напредокот на ова поле е признаен и посочуван како позитивен пример и надвор од државата, а претставува капитално вложување во државниот просперитет. Во истата насока е воведувањето странски (два, светски) јазици во образовниот процес (од прво одделение), како вредна духовна инвестиција, исто така во корист на граѓаните и на државата. (Просперитетните Холанѓани, покрај мајчиниот, на ист начин зборуваат и најмалку уште еден, а и по два или три светски јазици. Велат: нашата држава е мала, знаењето странски јазици е наша потреба (Амстердам, 1993)).

На Македонија ѝ требаше и „Macedonia Timeless“, прекрасните видеоспотови за промоција на земјата во светот, но и сите оние документарни филмови што последниве години ја ставија на увид македонската историја! Онаа вистинската, реалната, таква каква што е, а не беше соодветно застапена во македонскиот образовен систем.

Секој народ ја слави својата историја, ги слави своите херои. Македонија тоа го направи достојно, токму со „Скопје 2014“. Велелепниот археолошки музеј покрај Вардар – го стави на јавен увид историското културно богатство, напластено низ вековите во македонската почва.

На тема „Скопје 2014“ пишував во 2011 година! Колумната насловена како „Колку се, толку се, токму се“ (модификација на познатата крилатица на Гане Тодоровски) беше мој (на граѓанин) одговор на критиките упатени од поединци на проектот „Скопје 2014“, на спомениците подигнати во главниот град на државата. Сега, кога е при крај реализацијата на истиот – повторно се навраќам на оваа тема: да се потсетиме на поединости поврзани со овој грандиозен, вреден историски проект, особено значаен за мала држава како Република Македонија.

Многу отровни стрели беа/се упатувани овие години кон спомениците, кон „Скопје 2014“! По некоја – сѐ уште. Да беа поинакви, а не реторички, досега ќе ги снемаше, ќе ги претвореа во прав! „Храбри“ политичари-опозиционери, новинари и по некој универзитетски професор својата инвентивност ја покаж(ув)аа на дело, сугерирајќи ѝ на опозицијата – кога ќе дојде на власт, првата работа да ѝ биде – рушење на спомениците! Да не ги потсетуваат на ова омразено, за нив детронизирачко време! Да не ги потсетуваат, на „груевизмот“! „Скопје 2014“ симболизирал – режим?! Други „поинвентивни“ предлагаат посуптилни методи – процес за ослободување од „Скопје 2014“ како „антинародно/антицивилизациско зло”?! Каква „инвенција“!

Едно од образложенијата за деструктивните идеи на гореспоменатите: власта непотребно трошела пари на бронза! Со потрошеното за секој поединечен споменик ќе биле нахранети не знам кооолку гладни усти во државата. Мошне „домаќински“ и „високоинтелектуален“ став?! Но, без одговор на прашањето – каде завршуваа парите кога на власт беа оние кои не трошеа на бронза!

Слично на претходното беше/е и реториката на медиумски најекспонираната стечајка! Таа страсно, со огромен политички жар говори против спомениците (а, мисли на актуелната власт!), ја злоупотребува маката на луѓето, кои не по своја вина останаа на улица; ги организира и предводи во протестите, а никогаш не спомна, кој ги доведе во стечајната позиција! Кој им го одзема правото на работа и работно место! Стана дел од политичките манипулации во државата! (Инаку, стојам зад ставот дека на стечајците – во рамките на реалните можности и закони во државата, треба да им се помогне).

Глупоста на реторичките стрели (обложени со омраза и отров од крајно некоректни зборови и фрази) упатени кон спомениците е уште поголема и пострашна, кога тие излетуваат од устата на „интелектуалци“ -универзитетски професори или политичари претенденти на државното кормило. Да беа само политички – и така и така, иако и за нив нема оправдување кога се малициозни и тенденциозни! Во политичката борба ваквите стрели се автодеструктивно/автоубиствено оружје! Како бумеранг им се враќаат на оние кои ги упатуваат и наместо позитивен, политички ефект, резултираат со самоубиствени последици. Тоа му доаѓа како она со терористите – изведувајќи самоубиствени напади се жртвуваат себеси, но и други (целни или случајно избрани групи) за диригирана, главно маглива цел.

И за крај. Кога нашиве „инвентивци“ видоа дека оние на кои им беа наменети нивните реторички акробации останаа глуви (сите избори до сега, покрај другото, ја потврдија и невалидноста на нивната теза дека „Скопје 2014“ не е поддржан од граѓаните), екстремот го заменија со поблага форма: кога ќе дошле на власт, немало да ги рушат спомениците, немало да ја претопуваат споменичната бронза (ќе било штета?!), туку ќе биле дислоцирани или сместени во депоа! Аферим, умни глави!

Како и да е, во времето пред нас, и покрај можните недостатоци или грешки, македонските граѓани со гордост и благодарност ќе се сеќаваат на идеоло(гот)зите и градителите од проектот „Скопје 2014“, на нивното визионерство, љубовта и, пред сѐ, посветеноста на државата!

На Македонија ѝ треба(ше) „Скопје 2014“!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top