| Дејан Иванов – Маргуш како ликовен уметник не е фигуративен исто како и неговиот ликовен свет. Тој е апстрактен и неговата експресија е речиси целосно одраз на спонтан несвесен ониризам на битието. Овој наш сликар повеќе сака да насетува отколку да дефинира. На свој начин ониризмот како специфичен слој е присутен и кај последните дела. Тој е инстинктивно импулсивен и колористички афективен. Овој импулсивен имагинациски ритам на експресионистичка апстракција овде е скротен и доведен до еден кристализиран, речиси трансцендентен спокој. Сликите се целосно потопени во флуидот на една благо нагласена метафизичка атмосфера. Асоцијативниот свет на овие дела е постојан, духовно прочистен и ликовно рафиниран. Интересен лиризам што сугерира тишина и нурнатост во чувството помеѓу мигот и вечноста. Раководејќи се од композициските аспекти на авторот, може слободно да кажеме дека основна тема се просторот и пејзажот. Нагласената концептуалност сугерира статичност во еден просторно-временски исечок, но статичноста на ликовниот свет на делата на нашиот сликар е само привидна. Таа е суптилно ритмизирана од фината игра на светлото и на сенките, кои сугерираат не само статичен физички, туку и жив онтолошки простор, кој е мобилен одвнатре. Токму тоа е значајното бидејќи така сликите на Дејан Иванов – Маргуш не се експеримент на гол конструктивизам, туку добиваат една семантична длабочина што ги симболизира тивката радост и спокојот на битието што го интегрира просторот- времето во себе. Морам да нагласам дека овде не станува збор за произволна опсервација. Ако повнимателно се загледаме, ќе забележиме дека мотивот на сликите на Иванов е композициски така поставен што сугерира некаков засолнат простор во кој едвај трепери како стивнат одблесок играта на светлото во миг издвоен од брзиот временски тек на минливоста. Намерно или случајно, во херметизмот на сликите на Дејан Иванов – Маргуш го препознаваме императивот што Маларме го поставуваше на поезијата, а кој важи за секој вид херметичка уметност, односно да се сугерира место да се именува. Токму сликите на Иванов ја следат интуитивно поетиката на тој императив. Сликите се изработени со техничка и занаетска рафинираност. Неговите пејзажи претставуваат сосема индивидуални светови. Земјата. водата, воздухот, светлоста, во пејзажите, стануваат елементарно доживување. Овозможуваат набљудувачот да открива нови хоризонти на различни начини и претставуаат постојано нова авантура. Овие дела покажуваат колку се сензитивни и егзактни во исто време приодот кон природата, нејзината драматика и моќта за фасцинација. |
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


