Живко Мукаетов е нов претседател на Ракометната Федерација на Македонија, а изборот беше со акламација на денешното Собрание. Вкупно 41 делегат гласаше „ЗА“ познатиот македонски бизнисмен, од Алкалоид.
– Живко Мукаетов е докажан стопанственик, но и вљубеник во спортот. Тој има многу контакти што ќе ги искористи за доброто на спортот. Доволно е да се слушне аплаузот при неговиот избор, и да стане јасно дека донесовме вистинска одлука – изјави досегашниот претседател Михајло Михајловски. И тој доби признание на денешното Собрание, на кое беше прогласен за „почесен претседател на РФМ“.
На Собранието оставка поднесе Генералниот секретар Маријан Начевски.
– Можам да истакнам дека во овој проект влегувам со голем ентузијазам, како љубител на спортот, темелен стратег и се надевам, добар визионер. Еден месец е премалку за да можам да ветам дека ќе ги испорачаме посакуваните резултати, но по природа сум оптимист и борец и можам да ветам дека ќе дадам се од себе. Треба да бидеме реални и веднаш да кажеме дека патот до ЕП во Данска е трнлив и многу неизвесен. Ќе се потрудам македонскиот ракомет да функционира на поинаков начин отколку досега. Дисциплина и напорна работа пред се, организациска структура со точно дефинирана одговорност. Да ги оставиме суетите на страна, да се сконцентрираме на конкретните задачи и за враќање на ракометот и во помалите градови, кои до пред извесно време важеа за спортски центри. Поседуваме солидна база и квалитет, што ќе треба само добро да се менаџира – рече Мукаетов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.