Прошетките во зима се повеќе резултат на некаква изнуденост, отколку на спонтана екскатапултација од живеалиштето кон непрегледните скопски пејзажи. Депресивноста на зимското сивило, како и енормното загадување на мегалополисот, кој во последните децении толку многу се рашири низ котлината, која ја проголта целата таа ужасна индустрија, градена во првата половина на социјалистичкиот период и ја инкорпорира во самата градска структура , не дава премногу надеж за спокојни и лежерни попладниња, во кои медитативноста на спокојот одамна се трансформира во стрес и во желба за бегство од неподносливо загадениот воздух. Кон скржавоста и безумната нехуманост на повеќето транзициски богаташи, кои направија голем капитал од приграбувањето на општественото добро, а никако не сакаат да вложат дел од тој капитал за инсталација на фабрички филтри, иако имаа на располагање цели десет години, во кои заработија огромни суми пари, се придружи и скопскиот пролетаријат, кој од немај-каде се грее на дрва и додава уште загадување, врз веќе, и така неподносливата состојба, создадена од автомобилите и од индустријата. И така, сите овие состојби го тераат граѓанинот да излезе од своето задушувачко дувло со видна нервоза, па дури и бес. Неговата фрустрација се зголемува правопропорционално со дрскоста на капиталистичките транзициски крвопијци и со немоќта на државата да направи нешто позитивно за граѓаните на Скопје по ова прашање. А власта е, всушност, изложена на една перфидна уцена од страна на овие безмилосни олигарси, уцена што му задава страшни главоболки на хуманиот и праведен владетел. Имено, олигарсите, според својот често алчен и аморален карактерен профил, подучени од своето покерџиско и блеферско искуство, се закануваат со затворање на фабриките и со отпуштање на вработените, па на овој начин го ставаат беневолентниот владетел пред страшно искушение – или ќе нè оставиш да работиме во манирот на социјалистичкиот реализам, каде се славеше чадот од фабриките како знак на индустриски просперитет или ќе ги затвориме погоните и ќе ти истовариме неколку илјади невработени пред социјалните шалтери и на товар на буџетот, а може и да ги подбуцнеме на демонстрации и да јурнеме на поредокот како бесни болшевички револуционери. „Затоа, внимавај што правиш, владетелу, затоа што ние можеме да бидеме многу незгодни доколку некој ни ги загрози интересите, а со тоа и профитот, со кои треба да осигуриме десетици генерации потомци на нашето екстраординарно семе“. Какви неосвестени карактери прават профит загрозувајќи го нашето здравје и нарушувајќи го спокојството на сите наши сограѓани. Ги користат работниците, ем за експлоатација, ем како средство за уцена до владата и на нејзината економска политика за намалување на невработеноста, а сите нас, другите, нè трујат. И никој не може да ја помести од нулта точка оваа пат-позиција, додека олигарсите жнеат профити и дишат свеж планински воздух во градините на своите луксузни вили и палати, позиционирани на Водно.
Ете тоа е реалноста на амбиентот на нашиот град во студените сезони на годината. Но за да испари стресот и нервозата, добро е да се дистанцираме котлината загадена со смог и да се качиме на висините на околните планини во потрага по чист воздух. Секако, најблиска дестинација по овој повод е планината Водно, таа света планина на жителите на овој регион.
Водно од најдревни времиња било населено со луѓе. Тоа го покажува извонредниот број археолошки локалитети, од кои некои датираат уште од времето на неолитот. Оваа планина изобилува со ресурси за опстанок на човекот, посебно поради богатството на извори со вода за пиење. Тука, на овие висини, древните жители ја опсервирале околината и доминирале со теренот во секој поглед. Ловот, риболовот, а подоцна сточарството и земјоделството цветале во подножјето на оваа планина со милениуми. Реката Вардар со своите водотеци и вирови направила услови за буен живот во котлината. Тука богатството на флората и на фауната создавале амбиент на праисториски рај, а оваа состојба на свежина и на позитивна геоенергија е сочувана до ден денешен, за што најдобро сведочи не само континуитетот на живеењето на оваа локација со векови, туку и страшната наезда на нови жители, кои штом ќе се збогатат, веднаш планираат изградба на замок во овој прекрасен предел, секако, со спектакуларен поглед на метрополата. И додека плебејците се задушуваат во котлината, овие самоинаугуирани аристократи уживаат во чистиот воздух и во планинските ароми. Тие гледаат со самобендисана возгордеаност од висините и пуштаат цинични забелешки врз мизеријата на пролетаријатот во котлината, обвиена со смог.
Но да истакнеме дека сите жители на Водно не се со ист статус и потекло и дека тука има најмалку три вида граѓани. Шерпаси (селаните староседелци, луѓе слаби и со низок раст, но со огромни стапала, кои се развиле како последица од милениумското искачување по планината), лазовци ( припадници на комунистичкиот владејачки слој, кој по војната доби локации и куќи од страна на партијата на чело со Лазо К.), овие лазовци подоцна се поделија на две подгрупи – а) лазовци што пропаднале во транзицијата и статусно се доближиле до шерпасите староседелци и б) лазовци, кои успеале да го приграбат државниот капитал и енормно да се збогатат и така да влезат во групацијата на новобогаташи или, како што уште ги викаат – транзициски. И, конечно, вистинските новобогаташи, кои народот ги нарекува „лордови“ или транзициски војводи и комесари, во зависност од тоа дали се богателе во времето на владеењето на македонската левица или десница.
Првите се староседелци, кои живеат на овие предели од памтивек. Нивните села, кои ги имаше многу во минатото, денес во повеќето случаи се претворени во луксузни населби на богаташите, кои константно доаѓаат штом ги наполнат своите финансиски дисаѓи во котлината. Овие новобогаташи ги откупуваат имотите од селаните и потоа тука градат велелепни зданија, во кои нивното потомство век ќе векува. Селаните, пак, од продадените локации собираат многу пари, та и самите збогатени, ги прошируваат и надградуваат своите куќи слични на колиби.
Но веднаш се гледа разликата меѓу новобогаташот и „шерпасот“, кој поради страшната инерција на своето селско потекло и штедливоста никако не може да го постигне гламурот и раскошот на новите соседи – богаташи. При ова населување, пак, се случува едно чудесно архитектонско ткаење, во кое не недостигаат најразлични естетички прикаски и феномени. Богаташите и шерпасите се мешаат на подножјето од планината како чудесен урбан мозаик. Сето ова му дава возбудлив и спектакуларен изглед на населениот дел од планината. Од друга страна, лазовците, чијашто структура е во дисолуција и во политичко–општествена криза поради пропаста на комунизмот, се позиционирале како ултимативна опозиција, не само на власта, туку и на новиот светски поредок, кој го исфрли болшевизмот на ѓубриштето на историјата, консеквентно и засекогаш.
Но, како и да е, шерпасите, лазовците и транзициските го прават Водно една од најубавите природно-урбани локации за живеење, не само во Македонија, туку и во Југоисточна Европа. Верувам дека во иднина тука ќе почнат да се „гнездат“ и богатите странци, кои во меѓувреме ги откриле убавините на нашата татковина и на нашиот главен град. А тогаш ќе настане вистинска ерупција од антрополошки и класни профили, но и фантастична демонстрација на архитектонска естетика и начини на живеење. А дотогаш, да го славиме Водно, таа света планина на македонското опстојување на овие простори. Со спокојна прошетка.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.