РК Вардар в сабота во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ го игра дербито од групата Ц во ракометната Лига на шампиони против Веспрем, кој е прв на табелата со осум бода. Вардар заостанува еден бод по ремито со Монпелје и овој меч е шанса со победа да се искачи на првото место, барем една недела кога е возвратниот дуел во Унгарија.
Веспрем е еден од трите тима во ова натпреварување кои се со стопроцентен ефект. Тоа е вистински предизвик „црвено-црните“ да дојдат до победа над еден од најдобрите тимови во Европа, ако не и најдобар.
– Веспрем е најдобар тим во Европа. Минатата година учествуваат на завршниот турнир во Келн и неколку години се меѓу четирите најдобри екипи. Играат цврста и одлична одбрана 6-0, и речиси играат без грешка. Очекувам брз ракомет во текот на сите 60 минути и полна концетрација од противникот. Имаат фантастични играчи предводени од најдобриот среден бек во светот Чема Родригез и одличен голман. Ќе биде тешко, но ќе дадеме сѐ од себе за да дојдеме до победа и да продолжиме со добрите игри во нашиот спортски храм „Јане Сандански“ – изјави тренерот на Вардар Раул Гонзалес.
Во продолжение од прес-конференцијата Раул одговори и на прашањето колку Илија Абутовиќ, кој е столб во одбраната, ќе недостасува на овој натпревар поради суспензијата од еден натпревар заработена по црвениот картон против Монпелје.
– Секако, Абутовиќ е клучен играч, но ние имаме 20 играчи кои подеднакво ќе конкурираат за место во одбраната. Мора да биде подготвени на сѐ – додаде Гонзалес.
Еден од најдобрите играчи во тимот е македонскиот репрезентативец Немања Прибак.
– Веспрем е во самата завршница 10-15 години. Во самиот европски врв се, но можеби никогаш не биле појаки од оваа сезона. Играат во одлична форма, речиси без грешка. Имаат добар тренер, одлична екипа и работат безпрекорно во текот на сите 60 минути. Можеби сме малку уморни од патувањето во Белорусија, но знаеме дека мора да дадеме сѐ од себе за да го добиеме мечот – се надоврза Прибак.
Натпреварот ЕХФ го прогласи за меч на колото и целокупната европска ракометна јавност ќе биде свртена кон Скопје в сабота од 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.