Живееме во свет во кој сѐ почесто се чини дека немаме време да мислиме како да им помогнеме на другите луѓе. Времето е пари, велат сите зафатени луѓе и притоа итаат кон своите автомобили, канцеларии, домови. Дали некому укажаната помош во даден момент ќе му биде од пресудно значење ретко претставува грижа на современиот човек. Сепак, ако можеме да си ја работиме работата и притоа да придонесуваме за целото општество во време кога е тоа најпотребно, зар тоа не значи во крајна линија дека ние градиме подобра иднина и за нас самите?
Социјалното претприемаштво е концепт на применување иновативни решенија врз актуелните социјални проблеми. Визија на секој социјален претприемач е да создаде и интегрира социјална вредност во систем од кој потоа останатите ќе имаат корист. Мисија која го води кон таа визија е наоѓањето одговор на прашањето, што конкретно недостига во еден систем на вредности и каде треба да гравитираат неговите активности. Разликата која може да се повлече меѓу бизнис и социјалното претприемаштво е што социјалните претприемачи, покрај профитот, се мотивирани да дадат свој позитивен придонес кон општеството.
Доколку го разгледуваме социјалното претприемаштво од технолошки аспект, има два примери вредни за споделување:
1) Envirofit International, која компанија создава и дистрибуира технологии кои им помагаат на земјите во развој да се справат со здравствените проблеми кои се последици на загадувањето. Апаратите на оваа компанија се смета дека елиминираат и до 90 проценти хидрокарбонски и до 70 проценти карбонски моноксидни емисии од возилата.
2) Beneficient Techology – Benetech, која компанија развива машини за читање на слепи лица. Во моментов оваа компанија развива проекти за човекови права и социјални вредности со меѓународен дострел на инволвирани лица.
Денес овој концепт е тема на интерес не само на индивидуите со изразен натпреварувачки и иновативен дух во рамки на приватниот сектор, туку и на владите низ светот. Поради тоа, истиот подлежи на специфична правна регулатива која наидува на различен третман.
Така, во рамки на Европската комисија уште пред 3 години беше конципирана социјалната бизнис иницијатива, замислена како краткорочен акциски план со цел стимулирање создавање развој и одржлив раст на социјални бизниси. Моментално, поврзано со стратегијата „Европа 2020“, елементи од оваа стратегија можат да се лоцираат во поглавјата кои ги засегаат вработувањето, иновативноста, образованието, социјалната инклузија и климатските промени.
Прва од земјите во регионот која донесе конкретен закон за социјално претприемништво беше Словенија во 2011 година, која како социјални претприемачи ги смета сите правни субјекти кои се непрофитни, а постојат за постигање повисока општествена цел. Некои од другите европски држави имаат слична регулатива која е комбинација од повеќе правни акти, на пример, во Белгија нема посебен закон за вакви субјекти, туку Законот за трговски друштва подразбира форми на здружување кои можат да бидат основани поради вршење општествена цел, која, пак, е уставно определена. Во некои држави, пак, како пример законот 1351/2003 во Финска го стеснува доменот на социјалното претприемаштво на вршење активности поврзани со оние субјекти кои вклучуваат работа со луѓе со пречки во развојот како и долгорочно невработени лица.
Р. Македонија сѐ уште нема донесено посебен закон за социјално претприемаштво, но за поздравување е иницијативата на Министерството за труд и социјална политика за изработка на истиот, со што попрецизно би се утврдиле дејностите и правниот статус на субјектите кои би вршеле активности од овој домен. Додека, од една страна, се даваат предлози и иницијативи за унапредување на македонската легислатива преку кои се овозможуваат подобри услови за претприемачите и општественото добро, од друга страна, вниманието на јавноста се одвлекува на небулозни протести без јасна цел пред токму истиот законодавен дом, па така, наместо енергијата да се насочи кон креирање законски предуслови за развивање концепт од кој ќе има бенефит целото општество, потребно е енергија да се вложува за да се воспостави културен политички дијалог.
Вистинскиот момент за донесување таков закон е токму овој период ако се земат предвид сите несебични залагања на Владата во насока на охрабрување на претприемачкиот потенцијал на младите во земјата, како и одговорниот ангажман на европските институции во правец на охрабрување и поттик за реализација на сопствени идеи.
Најдобар начин да се предвиди иднината е таа да се создаде. Тоа што сѐ уште не е почнато не може ни да биде завршено. Не е доволно да се идентификува проблемот и неговиот извор. Потребно е да се работи на неговото решение и начините на негово постигнување. Ние сме промената што сакаме да ја видиме во светот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.