| четврток, 6 декември 2018 |

Презентирањето на позитивната слика за Република Македонија – наша заедничка обврска

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Во април оваа година присуствував на меѓународна научна конференција на Универзитетот „Колумбија“ и во процесот на регистрација прв човек со кој воспоставив непосреден контакт беше еден мој колега од Универзитетот во Саутемптон во Велика Британија. При запознавањето веднаш ме праша од каде сум, а веднаш по дадениот одговор дека сум од Република Македонија позитивно бев изненаден на неговиот коментар со: „Да, да, тоа е најдоброто место за водење бизнис во Европа”. Соговорникот веднаш потоа продолжи да објаснува дека со позитивната владина кампања насочена кон привлекување странски инвестиции бил запознаен преку познатиот медиумски ТВ-сервис „Си-Ен-Ен“. Универзитетскиот професор додаде дека бил изненаден од неверојатно добри услови кои ги нуди Владата на Република Македонија (монетарна и финансиска стабилност, функционални слободни технолошко-индустриски зони, добра инфраструктура, брза регистрација на компании, ниски даноци, образовна и квалитетна работна сила итн..), што дополнително го поттикнале да продолжи со своите истражувања преку интернет, констатирајќи поголем број нови позитивни изненадувања во прилог на исклучително поволната клима за бизнис.

Поради редица причини до пред неколку години, позитивната слика за нашата земја тешко успеваше да го пробие балканскиот простор, а уште потешко да излезе и надвор од Европа. За жал, најчестите синоними за Република Македонија и поранешните југословенски простори беа војна, етнички и религиозни судири, криминал и корупција, неефикасна администрација и судство, непочитување на основните човекови права и економска стагнација.

Оваа влада, за наша среќа, очигледно брзо ја сфати комплексноста на поставената задача и потреба од поставување нови стратегиски рамки, а кои, пред сѐ, беа насочени кон зацврстување на политичката и на економската стабилност на државата, проткаена со засилена промоција на Република Македонија во странство, без чие исполнување не беше возможно да се создаде посакуваната позитивна слика за нас надвор од татковината.

Проактивниот, позитивен и рационален пристап на Владата на Република Македонија во сегментот на надворешната политика, која покрај промоцијата на стратешките надворешно-политички интереси, се поголемо внимание посветува кон економската дипломатија, културната дипломатија и здравствената дипломатија значајно и квалитетно ја подобрува позицијата на нашата земја. Таквиот пристап и активна улога во ефективното користење на средствата и методите на јавната дипломатија повеќе од јасно носи голем број позитивни придобивки кои непосредно се преточуваат кон градење политички и економски стабилна држава, но и создавање на сите услови за нејзин современ и непречен сестран развој.

Искрено, треба да не радува тоа што кога запознаваме луѓе низ светот и го кажувам името на нашата земја истите веќе имаат изградено позитивен став и импресии за неа, а нашата дополнителна аргументација и објаснувања, секако, можат да послужат и да го потврдат севкупниот и веќе стекнат имиџ. Наша заедничка улога, независно од националноста, верата, партиската припадност и професијата, е при секој контакт со странец да се обидеме да го надградиме тој позитивен впечаток во кој државата и сите ние веќе сме вложиле големи средства и огромни напори. Имаме земја која заслужува да биде промовирана, која плени со својата природна убавина, туристички капацитети, со своите историски, културни, археолошки и духовни вредности, а сега веќе и со атрактивните економски услови кои силно ги будат инвеститорите низ светот.

Секој од нас би требало да биде најсилниот и вистински промотор на Република Македонија и со тоа да го помогне сопствениот и семеен напредок и истовремено да го забрза прогресот на македонското демократско општество.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top