Постои едно неразбирање кај поширокиот круг поклоници на уметноста околу процесите што се одвиваат при продукцијата на уметничките дела, посебно кај уметноста на голотијата.
Тој неверојатно сложен систем на ликовна артикулација, концентрацијата што уметникот треба да ја фиксира за моделот и за материјалот на изведба, стилот што се наметнува како интеракција меѓу замисленото и „добиеното“, борбата со силите на инерцијата што го одвлекуваат вниманието и го прават процесот на вообличување мачен и тежок, од чинот на творење создава едно, по сè, агониско искуство.
Неупатените, пак, поведени од својот наивен и романтичен поглед на уметноста, мислат дека уметникот е бонвиван, кој забавувајќи се, создава – и ете тоа била уметноста, а посебно уметноста на голотијата.
Веројатно новите технолошки средства за „копирање“ на реалноста, базирани на фотографијата, филмот и на видеото, сосема го затапила чувството за природно вообличување на нештата од „нула“. Како од празната површина (платното) или од безобличната маса (глина, камен, дрво…) да се создаде визија или објект, што ќе „заживее“ со сиот автентичен сјај на својата генеза. Без оглед дали тоа дело се инспирирало од реалноста или е продукт на имагинацијата, за да се долови во целата своја „претставителност“, потребен е „лудачки“ напор, за кој не се свесни многу луѓе што ја сочинуваат ликовната публика воопшто.
Сепак, најумните од нив (а што не се професионално инволвирани во ликовната сцена) бараат референци во однос на историјата на уметноста. Другите „фантазираат“ барајќи тривијални стимулации во делото и, често, пронаоѓајќи ги во најбаналните слоеви, вообразуваат поетски сензибилитет. Овие последниве се најголемите стимулатори на кичот и на шундот.
За да се разбере вредноста (во секоја смисла) на едно уметничко дело потребни се длабински познавања и големо искуство. Најнапред треба да се спознае тежината на процесот на создавање низ практичен обид во ликовните дисциплини, и тоа во комбинација со студиозно разгледување на „репертоарот“ што го нуди историјата на уметноста. Потоа долг период на истоштувачки обиди, полни со фрустрација. Дури и да има почетнички успех, огромниот квантум ремек–дела, содржани во историјата на уметноста, повторно ве враќаат во инфериорната позиција на дилетант.
Овој иницијациски вовед ја има целата мачнотија на еволуцискиот процес со сета своја бавност. Тоа е истоштувачко тркалање на Сизифовиот камен. Колку што се делата повпечатливи, толку зад нив постои поголема агонија. Дури и кога се работи за кратка и брза скица на Матис или на Пикасо, оваа димензија на себевложување во уметноста е видлива.
Таа брилијантна убавина на скротениот Ерос.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.