Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, беше првиот меѓународен претставник што по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во корен ја пресече надежта дека Македонија може да ја промени својата пат-позиција по пресудата против Грција. Иако во приватни разговори Данецот неретко искажувал поддршка за Македонија, тој за време на својот мандат никогаш не кажа нешто што може да ја налути Грција. И чешкиот комесар за проширување во последните пет години, иако покажуваше симпатии кон Македонија, никогаш не кажа прецизно дека Грција со блокадата за Македонија ги крши критериумите од Копенхаген и дека директно работи против интересите на Унијата. И тој во приватни разговори даваше до знаење дека е јасно кој е виновникот за македонската блокада.
Тие двајца имаат различни приказни. Филе се надеваше на нов мандат во Европската комисија и внимаваше да не се судри со влијателната Грција во обидот да излобира добивање на позицијата висок комесар за надворешна политика на ЕУ, за што на големо се шпекулираше во ЕУ. Дипломати блиски на екскомесарот за проширување велат дека и неговиот избалансиран став кон Македонија бил проблем за Грција поради што официјална Атина, по неформални канали, дала до знаење дека, дури и ако големите сили се согласат со неговиот избор за позицијата што сега ја има Италијанката Могерини, тој ќе биде блокиран. Целосната вистина, како што тврдат добро упатени луѓе во Брисел, е дека Чехот, кој своевремено бил член на Чешката комунистичка партија и студирал на московскиот универзитет МГИМО, кој имал тесни врски со советската КГБ, немал поддршка од Париз и од Берлин за да продолжи да работи во Комисијата.
За разлика од него, Данецот одамна знаеше дека ќе си оди од позицијата прв човек на Северноатлантската алијанса и немал зошто да се плаши од Грција, но, сепак, до крај остана јавно неутрален, односно ги бранеше принципите на солидарност меѓу земјите- членки. Тоа говори за силна внатрешна дисциплина, каква што ѝ прилега на една воена организација каде што личните ставови, дури и кога се поткрепени со пресуда на Меѓународниот суд во Хаг, не можат да бидат објавени доколку се спротивни на официјалните. Поради тоа, сличен став треба да се очекува и од новиот генерален секретар Јенс Столтенберг, кој, и покрај личните симпатии кон Македонија искажани од позицијата премиер на Норвешка, во наредниве години на чело на НАТО ќе биде воздржан или ќе ја поддржува грчка позиција за македонско вето.
Затоа претходникот на Расмусен и на Столтенберг, Британецот Џорџ Робертсон, за неправдата кон Македонија проговори дури неколку години откако замина од алијансата, што е случај и со други функционери поврзани со Македонија. Откако неколку пати јавно побара компромис, односно Македонија да го смени името пред да влезе во НАТО, во последните изјави Робертсон доживува промена, па пред две години, пред самитот на НАТО во Чикаго, со писмо побара Македонија да стане членка на алијансата затоа што ги исполнила сите критериуми за влез.
Бан Ки-Мун – единствен активен функционер со совест
Генералниот секретар на ОН, Јужнокореецот Бан Ки-Мун, е единствениот светски дипломат што додека бил на функција јавно искажал поддршка за македонските позиции контра Грција. За време на својата посета на Македонија во август 2012 година, на средбата со претседателот Ѓорге Иванов во вилата „Билјана“ пред новинарите и учесниците на школата за лидери, која се одржа под покровителство на шефот на државата, генералниот секретар рече дека нема дилеми за македонскиот идентитет и дека секоја нација има право да се именува како што сака и никој не може да го попречува тоа. Веднаш по неговата изјава, при што тој беше свесен дека го снимаат неколку камери, неговиот кабинет доби порака од Атина, по што Бан Ки-Мун на утринската официјална прес-конференција даде избалансиран одговор на прашањата, а подоцна во Њујорк имало дополнителни средби и објаснувања со грчките претставници во светската организација.
Што може да направи Македонија додека претставниците на ЕУ и на НАТО се на функција?
Објективно, кога е во прашање Македонија, многу малку може да се стори за да се пробуди совеста на европските претставници додека се на функција. Тешко е да се очекува дека обичен човечки сентимент може да биде доволен за некој од западните високи функционери да проговори јавно во корист на Македонија додека е на служба во НАТО и во ЕУ. Принципот на солидарност, кој е еден од најспоменуваните кога е во прашање, особено, Европската унија, не е единствен при нечија одлука да оди спроти ветрот, или официјалната политика на игнорирање, или заобиколувањето на проблемот со името која во последните две години важи и во двете институции. Личната кариера и стравот од одењето против официјалната политика на државата што го делегира во меѓународната институција се двете главни причини за молкот кога е во прашање Македонија, но и во други спорни случаи каде што се знае што е вистината, но кога таа не е во интерес на институциите. Стравот од реваншизам од Грција, односно можно вето за друга функција во ЕУ или во НАТО, исто така, е реална причина зошто никој не сака да проговори јавно за нејзиното кршење на меѓународното право во случајот со Македонија.
На Робин О’ Нил му требаа 2 децении
Еден од оние што се „освестил“ и што сфатил дека Македонија е жртва, а не провокатор и крадец на историјата е првиот посредник во спорот за името, Британецот Робин О’ Нил, кој речиси две децении откако се обиде да посредува меѓу Скопје и Атина, изјави дека Грција треба да го прифати името Република Македонија. Според него, најдобро решение е Атина да го прифати, во согласност со меѓународното право, името Република Македонија затоа што Грција во изминатите 20 години не претрпела никаква штета од употребата на уставното име на Македонија.
– Владите на Македонија и на Грција, со помош на посредникот Метју Нимиц, може да најдат ново име за Македонија кое ќе биде прифатливо за секоја од страните. Меѓутоа, моето мислење е дека целиот овој спор создаден од страна на владата на Грција е бизарен – изјави О’ Нил пред две години, односно 18 години откако беше дел од шатл- дипломатијата меѓу Скопје и Атина.
Во времето кога ЕУ го испрати да најде решение меѓу двете страни, тој никогаш не коментираше кој е во право, а кој е виновен за спорот меѓу двете земји. Сега, откако Македонија е блокирана, тој тврди дека ниту една држава нема право да диктира кое име треба да користи друга држава.
На генералот Тејта му требаа 13 години за да проговори за Арачиново
Американскиот армиски генерал Ентони Тејта е командантот што во 2001 година ја предводеше операцијата за извлекување на герилците на Ослободителната национална армија од Арачиново. Дури 13 години по битката за Арачиново, Тејта во разговор за МИА откри дел од причините за контроверзната акција на НАТО која, според него, спречила бомбардирање и улични борби во Скопје. Тејта пред неколку месеци изјави дека припадниците на ОНА, доколку не биле извлечени од Арачиново од страна на НАТО, ќе останеле без муниција и ќе биле лесен плен за македонските сили. Ниту еден друг западен или американски претставник, освен Тејта, досега не дал детали за судирот во Арачиново во кој загинаа неколку македонски војници и полицајци, како и десетина припадници на ОНА од вкупно 400, колку што биле извлечени кон Никуштак, од каде што не можеле да ги гаѓаат Скопје и аеродромот во Петровец со минофрлачи.
Француски офицер со совест: Европа умре во Приштина
Жак Огар е еден од западните претставници поврзани со Балканот. Тој не можел да живее со нечиста совест и во 2000 година се повлекол од воената служба затоа што увидел дека француската влада, чијшто претставник бил за време на косовската криза, води двојна политика. Огар деновиве раскажува дека на Албанците во косовскиот конфликт им помагале западни разузнавачки служби и дека лично открил листа на УЧК за убивање Срби, којашто ја предал на своите претпоставени во НАТО, но за тоа никој никогаш не одговарал.
Водачот на француските оперативни сили престојувал на Косово 15 дена по потпишувањето на Кумановскиот договор, сѐ до доаѓањето на редовните мировни сили, и во тој период видел работи што се сосема спротивни на официјалната вистина која била лиферувана од западните сојузници во тоа време. За разлика од францускиот полковник, кој веднаш по враќањето во Париз дал оставка и заминал од армијата, досега ниту еден од европските или од американските функционери не се осмелил јавно да проговори за грчката неправда кон Македонија додека е дел од Унијата или од алијансата. Уште помалку, некој во знак на протест или грижа на совест го напуштил работното место во ЕУ или во НАТО.
(Текст објавен во 112. број на неделникот Република, 24.10.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.