| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватската писателка Даша Дрндиќ повторно гостува во Скопје

dasa drndik

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа „Готен“, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги „Традуки“ и Градот Скопје, престојува Даша Дрндиќ, една од најреномираните хрватски писателки. Главна цел на престојот беше да се продлабочат контактите со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Македонија, како и подготвувањето на нејзината најнова книга.

Во Скопје, во „Менада“, на 28 октомври, во 20ч., во соработка со Независни писатели на Македонија, ќе се одржи книжевна вечер. Воведна реч за авторката ќе одржи проф. Д-р Елизабета Шелева. Разговорот со авторката ќе го води Лилјана Дирјан. За искуството од преведувањето на романот „Лајка формат“ ќе зборува преведувачот Милан Банов. На вечерта ќе настапат и членовите на НПМ: Богомил Ѓузел, Митко Маџунков, Сашо Прокопиев.

Дрндиќ е родена во Загреб. Од 1999 година работи како професор на Филозофскиот факултет во Риека, и предава модерна британска литература, американска и британска модерна драма, литература и филм, и креативно пишување. Предавала и на Универзитетот во Торонто, Канада. Активна е и како преведувач (превела есеи и студии од Борхес, Пинтер, Орвел, Гомбрович, Сангвинети, Бродски…), пишува радио-драми, литературна критика, есеи… Учествувала на бројни книжевни резиденции низ Европа. Објавила десетина книги од областа на прозата и литературната критика.

Во мај 2014 ја доби наградата „Прозарт“ на Фестивалот на Про-за Балкан во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top