Во хотелот “Бистра“ во Маврово почна првиот семинар на академијата Металург, прв од овој вид во нашата земја. Семинарот опфаќа 20 тренери од школата на Металург, кои во текот на денешниот и утрешниот ден ќе следат теориски и практични предавања од страна на координаторот на ракометната Академија, г. Лино Червар.
– Радосен сум што сум дел од еден ваков проект кој создава, едуцира и промовира ракометари, тренери и ракометната игра. Целта на нашата академија е да произведуваме и едуцираме идни ракометари, ракометарки, репрезентативци, кои ќе бидат иднината на нашиот клуб и на македонскиот ракомет, истакна Лино Червар.
Гостин на семинарот е претседателот на тренерската огранизација на Македонија, професорот д-р Гино Стрезовски.
– Овој семинар е вонсериски настан, на каков во мојата 25-годишна тренерска и професорска кариера не сум присуствувал. Да се соберат сите тренери од еден клуб и да се организира семинар на кој ќе предава еден врвен ракометен експерт, каков што е Лино Червар, е настан за поздравување и јас сум позитивно изненаден. Чест ми е да бидам гостин на академијата Металург, изјави г. Гино Стрезовски.
Денешната програма, поделена на два дела, предвидува предавања од страна на Лино Червар и следење на едукативни видеа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.