Во 1887 година Осман Хамди-беј, турски антиквар, колекционер и протоархеолог, вршел археолошки ископувања на остатоците од старите кралски гробници на ридовите зад Сидон, денешен југоисточен Либан. Во тоа време овој простор сѐ уште бил дел од Отоманската Империја. Во екот на истражувањата Осман Хамди-беј наишол на чифт добро сочувани мермерни саркофази, кои припаѓале на значајни ликови од Сидон од времето на славните подвизи на Александар Трети Македонски. (Bay & Reinach 1892)
Хамди-беј со помош на ферибот ги транспортирал саркофазите во Истанбул, каде што ги презентирал на изложба. За оваа намена бил основан и денес светски прочуениот Отомански империјален музеј во кој од самиот почеток, па до денес се чуваат овие луксузни пронајдоци. Еден од камените ковчези веднаш му фатил око и ја разбудил имагинацијата на турскиот археолог. Ковчегот изобилувал со длабоки релјефни сцени на кои во прекрасни детали билe интерпретирани претстави на Александар Велики. (Von Graeve 1970)
Гертруде Бел, британска мултилингвистка, патописец, археолог и современичка на овој настан, во јуни 1898 година го посетила музејот за да го види саркофагот за кој сите навестувале дека му припаѓал на славниот Александар. Својот восхит и импресии од овој наод го напишала во својот дневник. Илустрирајќи ги борбените сцени како реалистични глетки од кои самата се почувствувала како да ги гледа маглата и жарот од крвавите битки на Александар. Дури нагласувала дека со саркофагот бил изложен и череп, кој, наводно, му припаѓал на славниот крал. (Bell 2005, diary entry for June 6, 1898)
Сепак, и покрај првичната еуфорија, археолозите наскоро откриле дека воопшто не станува збор за саркофаг во кој бил погребан славниот војсководец. И покрај тоа што неговиот дизајн, облик и интригантни релјефни декорации и фризови илустрираат индикации од животните авантури на Александар, станувало збор само за идолатрија и за длабока почит кон Александровото дело од страна на човекот што бил погребан во луксузниот саркофаг. Како најверојатни покојници за кои бил наменет се кандидираат два лика од историјата на Александар и на aнтичка Македонија. Абдалоним, последниот феникиски владетел на Сидон според раѓање, кој бил назначен на таа функција токму од Александар веднаш по битката кај Ис, што би можело да претставува мотив-инспирација и главна причина за идолатријата што овој владетел ја покажал кон македонскиот војсководец. (Palagia 2002, 186)
Абдалоним или, преведено од персиски „слуга на боговите“, е човек-сенка за историските извори. Дури и датумот на неговата смрт е често оспорувана, па во игра се годините од 312 и 306-305 пред н.е. (Palagia 2002 196; Heckel 1992, 69) (Studniniczka Achäologische Jahrbook 9 (1894), pp 226ff; F. Winter, 1912)
Од друга страна, во последно време како кандидат за овој саркофаг се јавува и персискиот благородник и гувернер на Вавилон, Мезеј (Schefold 1968, p. 24), но, сепак, поради контекстот меѓу релјефните претстави историските настани и местото каде што е најден овој саркофаг, научниците сѐ уште му даваат предност на Абдалоним.
Од уметничка гледна точка, петнаесеттонскиот саркофаг бил изработен од два големи блока од висококвалитетен пентелиски мермер, кој бил ваден од локалитетот покрај планината Пентеликон, североисточно од Атина. Од истиот мермер е изграден и атинскиот Акропол. Како што одминувале годините, така овој бел блескав мермер добивал златникава боја. Квалитетот на мермерот и, особено, на релјефните претстави, сами по себе навестуваат за богатството и за значењето на покојниците што биле погребани во него, та од таму не е ни чудно што на Осман Хамди-беј на прв поглед му заличело на ковчег што би можел да му припаѓа на Александар.
На една од подолгите страни на саркофагот релјефно е илустрирана, можеби, најубавата сцена што ја интерпретира борбата на Александар и Македонците со Персијците претставувајќи го македонскиот крал со фантастичен шлем од лавовска глава, како со копје прободува персиски коњаник, во сцена што, очигледно, има за цел да ја овековечи битката кај Ис во 333 година пр.н.е., кога бил поразен персискиот цар Дариј Трети.
Остатокот од релјефните претстави никако не изостануваат по својата брилијантност. На долгиот фриз од спротивната страна Александар е претставен во лов на лавови. Еден од коњаниците што го придружуваат е неидентификуван коњаник за кој многу научници сметаат дека е Абдалоним, а често идентификувани фигури во оваа убава релјефна претстава се и генералите Пердика и Хефастион. (Palagia 2002, 188)
Целиот саркофаг е димензиониран во вид на антички храм. Горниот ред на покривот е составен од претстави на орли, кои, според верувањата во античка Сирија, биле птици што ги носеле душите на мртвите во рајот. На фронтоните од двете страни има хербални декорации и персиски грифони. На аглите од секој фронтон има лавови, кои се некој вид чувари на саркофагот.
Кога подетално би се анализирале резбите на овој саркофаг, веднаш е препознатливо дека станува збор за вистински мајстори на своето време, кои успеале преку длабочината на својата резба да ги претворат во тридимензионални илустрации, кои како да оживуваат од површината на саркофагот. И покрај тоа што ова не е саркофагот во кој било положено телото на Александар, нема спор дека овој археолошки монумент е вистинско ремек-дело во светски рамки. Александровиот саркофаг неспорно зазема почесно место во светското археолошко богатство како дело со највисок уметнички дострел и вредност и треба да се гордееме што имаме можност во поставката на Археолошкиот музеј на Македонија да имаме една автентична репродукција од овој значаен артефакт.
Пишува: Мартин Стефановски
(Текст објавен во 111. број на неделникот Република, 17.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Честоева: Не ви се плашам, горда сум на тоа што го сработив!
-
Археолошкиот музеј ќе учествува на изложба во оксфордскиот Ашмолијан
-
Честоева: Археолошкиот музеј е репрезент што одамна ѝ требаше на Република Македонија
-
Штети по земјотресите: Во Археолошкиот музеј оштетени два керамички сада, во Музејот на Македонија скршени прозорци