| четврток, 6 декември 2018 |

Прошетка (2)

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Ајде, на нозе и да си го фатиме патот! Нема време за губење, нештата се случуваат со фуриозно темпо. Да се упатиме кон новите културни феномени, кон новосоздадените фасцинации на преродбата. А ги има навистина многу. Мора да признаам, дека и покрај мојот наивен, речиси детски оптимизам, вакво изобилство од културни зданија и подвизи на цивилизациски план не сум очекувал ни во најсмелите соништа за македонската сеопшта креативност. Злобниците нека молкнат. Нивната тенденциозна критика, полна со негации, клевети и подметнувања станува сè повеќе и повеќе контрапродуктивна, пред сè, кон самите нив, банда исфрустрирани идиоти, кои никогаш не креирале ништо значајно ниту за нацијата, ниту, пак, за светот. Но за себе создале одредени богатства, најмногу од уметноста на кодошењето и на клеветењето, за која, мора да признаам, се обилно надарени. Чудесен е фактот, кој ги инаугурира најнеталентираните индивидуи во преден план, тие, кои за сметка на бездарноста и безидејноста создале моќни механизми за промоција на својата ништожност, а врз сето тоа и невидени стратегии на успешен опортунизам во сферите на заработката и безмилосното уништување на конкуренцијата. Но да ги заборавиме, за момент, овие антропоморфни гадинки и штетници и така нема ама баш никаков аир од нив. Да се вратиме на патеката по која тргнавме во правецот на велелепниот и новопретставен Археолошки музеј на Македонија, кој е уште едно, најново чудо што се појави во контекстот на најамбициозниот, најмонументален и најшокантен културен и градителски проект, не само во историјата на Република Македонија, туку и во општата историја на македонскиот народ, од изградбата на незаборавната Александрија, поставена на делтата на Нил во времето на Александар Трети Македонски, наречен – Велики, па сè до ден денес. И ова не е никакво претерување, доколку гледате со непоматена свест, ослободени од снобовската инерцијалност на суетните бездарници, раззлобени од сопствената инфериорност и завист. Овој воспев и апологија се безусловно поттикнати од стварноста на овој, речиси неверојатен подвиг, остварен со огромен самопрегор и верба од страна на сите инволвирани субјекти во овој цивилизациски македонски сон, од создателите и инспираторите на големата преродба.

Ако на времето, кога се појавија рекламните спотови за проектот „Скопје 2014“ и бев донекаде скептичен (пред сè, поради огромната магнитуда на содржини и речиси нестварната амбициозност на инволвираните творци), денес, кога овој проект е речиси довршен, конечно ја осознавам моќната визија, верба и доблест на таа благословена група фантазери и подвижници, што со целата своја душа и љубов влегоа во овој, по сè, застрашувачки ризик. И за ова Господ да ги благослови и да им даде сила за уште поголеми и посјајни работни победи. Зошто, секој човек со непоматена свест, би рекол: Ако можеа сето ова да го создадат со целата своја младост и недоволно искуство, кое се зголемува само со протокот на времето и ако можеа да одат понатаму со изградбата, и покрај сите опструкции на озлобената опозиција, која не избираше средства како да го урниса овој монументален зафат од епохална пропорција за македонскиот народ и народностите, тогаш сум сигурен, дека ова раководство на Република Македонија, заедно со сите искрени, вистинољубиви и креативни, како и конструктивни сили на нашето општество, гарантира извесност за успешно поставување нови, големи и фасцинантни проекти во иднината. И, навистина, сето ова дава голема надеж за македонската нација и држава. Треба човек да е слеп, глупав или сосема завидлив и злобен за да не го види сето тоа. А што се однесува до сите одвратни пројави на опозициските критичари во однос на овој проект, критики, кои се појавија на јавната сцена сите овие години, ќе кажам: Пците лаат, карванот поминува. И на целата болна зајадливост на опозициските квазиинтелектуалци, снобови и илузионисти, ќе додадам: Маките поминуваат, убавината останува. Овој пат оваа ретка и фасцинантна убавина не останува само поради големата визија на посветениците на оваа света мисија за културата на македонската нација, туку и поради огромниот труд и натчовечките заложби на оваа генерација Македонци, достојни наследници на најубавото и највозвишеното, што нашиот народ му го даруваше на светот и на општочовечката цивилизација низ минатите епохи. Оваа генерација владетели и творци полека, но сигурно ѝ го враќа сјајот на нашата татковина, сјајот и вредностите, што Македонија ги беше загубила за цели милениуми. Фала му на провидението за ваквиот развој на случувањата и нека големиот архитект на вселената и животот им даде сила за уште многу големи и фасцинантни победи.

А сега, да продолжиме кон восхитувачките зданија, од кои најновото е тоа на Археолошкиот музеј на Македонија, ве уверувам, нема да зажалите, без оглед од каде и да доаѓате.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top