| четврток, 6 декември 2018 |

Политика и законитост

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Следејќи ја дебатата меѓу група домашни политички чинители кај мене се отвори една дилема поврзана со аргументите кои дел од нив ги претставија пред присутните. Имено, според мојата и перцепцијата на дел од учесниците беше произведен заклучокот, дека претставниците на одредени политички структури неретко се обидуваат да наметнат концепт поткрепен со констатацијата дека политиката стои врз правото во некој (нивни) парадоксален систем на управување со државата. Патем, не сум ни целосно сигурен дали свесно или несвесно го наметнуваат таквите нивни ставови, но факт е дека практично тоа се случува. Кај мене, како правник, уште во првата година на моите студии ова прашање го разреши мојот професор по уставно право, кој често на нас студентите ни повторуваше дека највиското достигнување на политиката всушност е правото. Сега, низ призмата на практика, почнувам да сфаќам дека нашиот професор со причина се обидувал да не убеди во аргументацијата на овој став. Земајќи го во предвид сето што го гледам, сум го научил, осознал и искусил, јас немам дилема – дека политиката мора да функционира во рамките на правниот систем, а отстапката од него би можела да биде реална единствено и само доколку истиот ги нарушува универзалните норми поврзани со човековите права. Политиката го создала правото за да биде нејзин инструмент за креирање на подобар живот, но и да биде нејзин коректив кога греши.

Институционалниот систем на Република Македонија можеби не е идеален, но и доколку се обидеме да пронајдеме токму таков систем тешко верувам дека ќе успееме во тоа, па дури истражувањето да го насочиме и кон најразвиените демократии во светот. Исклучително важно е политичкиот систем во нашата земја да е функционален, но не помалку важно е и сите политички чинители да имаат искрен интерес тоа и практично да биде така. Забелешките во однос на правната рамка во која е изграден нашиот систем не би требало да бидат предмет на дискусија на ниту една организација, особено не на оние кои ги имаат во предвид и ги употребуваат соодветните и квалитетни методи за оценување на истиот. И, оттука, се проширува мојата дилема: дали некој има право да го узурпира и парализира системот на недемократски начин, користејќи го легитимитетот да биде активен учесник во демократскиот политички процес. Практично, не би требало и секако не би сакале на недемократски начин да се злоупотребува концептот ,,борба за демократија”.

Доколку некој смета дека политичкиот систем е нефункционален и има за цел да создаде нешто што во теоријата се нарекува “институционална криза”, тогаш би требало да понуди алтернатива, законит начин, инструменти и мерки за подобрување на истиот тој систем, а во интерес на секојдневниот граѓанин и постоењето на ефикасни и делотворни политички механизми за разрешување на проблемите, а не нивно мултициплирање. Недостатокот од понуда на таквата алтернатива претставува злоупотреба на демосот и јасно изразената изборна желба на народот да бира свој репрезент во рамките на системот, и не може поинаку да се квалификува освен непотребен обид за уривање на истиот без идеја како повторно да биде изграден.

Не гледам ниту една силна аргументирана причина која може да го оправда бојкотот против систем кој функционира. Крајната одлука и оценка за функционалноста на институциите би требало да ја донесе избирачот, кој во моментот на избор, сам и на демократски начин и давајќи го својот глас одлучува за тоа која политичката елита ќе биде носител на власта и одговорноста за водењето на општеството. Функцијата на политиката е да понуди ефикасни, конструктивни и применливи решенија за граѓаните кои се во прилог на подобрување на целокупниот демократски амбиент во државата и унапредување на нивната општа благосостојба. Селективниот отпор против функционалниот политички систем и легалните државни институции со истовремено управување со одредени (локални) структури во него, во практиката е показател за сериозна политичка незрелост.

Почитувањето на редот, дисциплината и моралните вредности се поими за кој не учат уште од најмали нозе, од моментот кога нашите родители и нашите први воспитувачи се обидуваат да ни укажат дека основните правила на однесување да се почитуваат е повеќе е неопходно да се почитуваат. Тоа е нашата прва лекција за законитост. Дали сите сме ја научиле и ја применуваме таа лекција понекогаш, за жал, навистина може да биде отворено прашање без соодветен одговор.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top