| четврток, 6 декември 2018 |

Ебола пред вратите и расизмот на 21 век

Ebola in Liberia

Кога црната Африка пролетва почна да ги брои првите починати од ебола, најсмртоносна патогена болест забележана во историјата, светот многу не се загрижи, а вестите за ширењето на заразата беа забележани со мало внимание. Имињата на жртвите, нивната возраст, животните услови, полот или занимањето на западниот свет не им беа важни. Не ги интересира ни денес. Белците, т.е. западњаците кои ќе го изгубат животот од ебола или кои ќе се разболат од неа, имаат и имиња и лица, знаеме колку се стари, со што се занимаваат, каде живеат, не го губат правото на идентитет ни во трагедијата. Ги знаеме дури имињата и на нивните домашни миленици.

Луѓето кои во Африка ги покоси еболата немаат име, тие се само дел од страшна статистика, само дел од бројка која додека го пишувам овој текст изнесува 4.447. Нивната смрт, ни кога умираат над десетици од нив дневно, не е вонредна вест, а секој забележан заболен од ебола во белиот свет неминовно е вброен во категорија на вонредни вести. Сакале ние тоа да го признаеме или не, се работи за расизам.

Глобалните медиуми од западниот свет, загрижени поради вознемирување на патниците, не бомбардираат со снимки од западот на здравствени екипи во авиони кои слетуваат на американските аеродроми, а влегуваат во потрага по лица кои имаат температура. Нови фотографски или видео снимки од теренот, од Африка, едвај стигнуваат. Опширно сме известувани за мерките кои почнаа да се применуваат на европските аеродроми кон патниците кои стигнуваат од земјите на жаришта на ебола Сиера Леоне, Гвинеја и Либија; малку или ништо не знаеме за тоа дека овие три земји, во овој момент речиси во целост се отсечени од остатокот од светот.

Уште само Луфтханза Брисел Ерлајнс со директни летови превезува патници од наведените земји, останатите се одлучуваат на исклучиво хуманитарни чартер летови на кои единствена цел е да се префрли медицински персонал во сигурни раце до африканските престолнини на Монровија, Фритон или Конакри. Животот во овие градови речиси е целосно парализиран, болеста незапирливо се шири и СЗО предвидува дека бројот на мртвите во трите африкански земји најтешко погодени со еболата за кусо време ќе достигне 10.000. Дури 70 отсто од заболените од ебола на крај и умираат, а СЗО на светот издаде предупредување дека немаат начин да ја спречат оваа страшна епидемија која се заканува на целиот свет. И не, еболата во Африка не е присутна само во тие три земји, против неа се борат и во Нигерија, Сенегал, ДР Конго…

И додека илустрацијата на Андреа Карлиха, која предупредува дека човечките загуби во Африка и Азија еднакво се трагични како и тие во Европа или Америка, полека го освојува култиниот статус и станува вирална, многу медиуми на западниот свет и мнозинската публика и понатаму се имуни на критиката која во таа илустрација целосно јасно е искажана. Впрочем, премногу пати сме сведочеле на ист модел – да се сетиме само дека требаа децении западњаците сериозно да ја сфатат чумата на сидата која во Африка уби милиони. Се наметнуваше стереотипот дека од сида заболуваат црнци и хомосексуалци, исто како што денес се наметнува стереотипот дека од ебола заболуваат само црнци и тие кои имаат со нив работа.

Ако сметате дека не ве интересира тоа што смртта коси во таму некои земји на т.н. Трет свет, сетете се како изгледаше тоа додека смртта косеше во нашите земји во Втората светска војна. Мртвите од Балканот беа безимени, беа само бројки, а призорите на нивните унакажани лица и тела беа објавувани без нималку оградување, често и без сочувство во тие исти големи светски медиуми во кои не можевме да видиме ниедна снимка натрупови загинати во терористичкиот напад на САД. На истиот статистички пристап сведочиме и кога се работи за стотици и илјадници деца и возрасни кои во арапскиот свет од Сирија, преку Сомалија, до Ирак, умираат од глад или гинат под бомби.

На тоа секогаш исто медиумско лицемерие изложени сме и денес, додека еболата коси луѓе во Африка, но тоа има висока цена, со тоа дека овој пат веројатно нема да плати само црна Африка или таму некои Балканци, туку и преценетите и себични западњаци.

Кога покрај таа приказна за тажната еутаназија на болно куче можете да прочитате или слушнете приказна за црна старица од Монровија која штотуку закопала две внучиња болни од ебола и својата ќерка, па мора во парализирана состојба во градот да преживее со преостанатите две внучиња, а до вчера живеела обичен живот како баба Мара од Лика, веројатно заканата која ја носи еболата ќе ја сфатите многу посериозно и ќе се прашате зошто светот не направи нешто и зошто во заразената Африка оваа пролет до денес се упатени само 800 милиони долари помош. Ќе се прашате и зошто Хрватска е една од ретките земји во Европа која во своите аеродроми не применува никакви мерки за заштита од ебола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top