Поранешниот британски фудбалер Дејвид Бекам и познатиот британски режисер Гај Ричи повторно го здружуваат својот талент во правење реклами, овој пат за видео за кампањата на новата линија виски од марката „диаџео скоч – хег клаб“.
Дејството се одвива низ студените, но прекрасни природни знаменитости на Шкотска, каде што Бекам и група пријатели, меѓу кои и неколку дами, се собираат за забава. За беспрекорниот стил на видеото помагаат хидроплан, чамец, антички мотоцикл и еден „јагуар“ и потсетува на снимки од последниот филм за агентот Џемс Бонд „Скајфол“. Покрај нив на екранот се појавуваат и неколку мотоциклистички кожени јакни, шалови, делови од облеката на ретропилоти, различни смокинзи и самиот Бекам во зелено кадифено сако.
Поранешниот фудбалер на ПСЖ, кој објави крај на фудбалската кариера во 2013 година, не се појавува првпат пред камерата на Ричи. Последната нивна успешна заедничка соработка за реклама беше за сопствената линија долна облека на Бекам за марката „ХиМ“. И тогаш Ричи успеа да внесе елементи што потсетуваат на Џемс Бонд. Британецот, всушност, би бил добар избор за режисерскиот стол на серијата за агентот 007, но засега на него останува Сем Мендес, кој веќе ги подготвува снимките за следниот, 24. по ред филм, кој почнува да се снима на 6 декември оваа година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.