Една од најпознатите групи во Македонија, „Фолтин“, и по дваесет години свирење сѐ уште зрачи со истата енергија. Групата што учествувала на многубројни музички и театарски фестивали низ Македонија и во странство, а неколкупати е наградена за творештвото, ова лето настапуваше на повеќе концерти и манифестации. Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ ги опиша „Фолтин“ како најуспешните актери на годинашниот „Културфестивал“ во Минхен. Во Лече свиреа во манастирот на оливетанците изграден во 16 век (а денес служи како библиотека), по што следуваше уште еден успешен настап на Хвар. „Фолтин“ имаа богато лето со многу настапи низ Македонија и низ Европа.

Неодамна ја завршивте вашата европска турнеја, дали сте задоволни како ве прифати тамошната публика?
ФОЛТИН: Ова лето имавме многу концерти, но не беа поврзани во турнеја, свиревме во Бугарија, Холандија, Словенија, Италија, Хрватска, Косово… Публиката на нашите концерти се забавува и игра. Можам да ви пренесам што ни рече организаторот на фестивалот „Мјузик митинг“ во Нејмеген, Холандија. Рече: „Вие имате моќ да ја натерате публиката да игра“.
Вашата музика се опишува како надреална, страсна и жива, со жешка танцувачка атмосфера, како се опишувате себеси?
ФОЛТИН: Точно така како што кажавте, приближно тоа е некаква дефиниција со која се опишуваме.
Како е да се работи на театарска музика, како е да се работи на таков проект?
ФОЛТИН: Да се работи во театар е многу интересно. Штом еднаш те зафати театарската магија, потоа никогаш не можеш да се откачиш од неа. Музиката во театарот е само еден сегмент од една поголема целина составена од повеќе елементи, сценографија, костими, глума… Така што треба да се посвети големо внимание задно, со целата екипа, за на крајот театарската претстава да ја добие „точнатаˮ сензибилност.

Неодамна изјавивте дека токму благодарение на претставите имате толку многу материјал што може да наполните неколку албума. Кога „Антителоˮ ќе го добие својот наследник?
ФОЛТИН: Не верувам дека би употребиле од таа театарска музика за нов албум. Можно е да се издаде, на пример, компактен диск со избор на театарска музика, но тоа во моментов не ни е приоритет. Секој слободен период го користиме за создавање нова музика, но не можам да прецизирам кога би имале нов материјал.
На „Оф фест“ се претставивте со најновиот проект – заедничката изведба со Васко Атанасовски од Словенија и со Наталио Суед од Холандија, од каде идејата за ваквиот спој?
ФОЛТИН: Да бидеме искрени, идејата не е наша, идејата е на Оливер Белопета и на Богдан Бенигар од друга страна. Без размислување ја прифативме. Во прво време ни беше страв како ќе се снајдат, имавме многу малку време за заеднички проби. Но, морам да признаам дека одлично се снајдоа, дури и повеќе од очекуваното. Пробите ни беа во „Цанкариев дом“ во Љубљана, со комплетна логистика од другата страна и голем поздрав до Наташа, која се дружеше со нас цело време.
Во вашата богата 20-годишна кариера, има ли уште некој неостварен сон?
ФОЛТИН: Не знам, никогаш не сме ги гледале работите како сон што треба да се оствари, едноставно си поставуваш некаква цел и наоѓаш начин како да стигнеш до таа цел. А како се стигнува до целта, се знае, со многу работа. И не само работа, мораш цело време да се преиспитуваш и да се пренасочуваш на вистинскиот пат до целта.
(Пишува: Владо Оцевски
Текст објавен во 110. број на неделникот „Република“, 10.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


