На почетокот на 1993 година се најавува Џорџ Сорос како прв странец што се обратил до македонските пратеници. Во писмото тој посочува дека доколку државата ги употреби сонцето на Александар или, пак, лавот за грб на државата, ќе се загубеле симпатиите во светската заедница. „Разбрав дека има намера шеснаесеткракото сонце на Александар Велики да се усвои за државен грб. Ако донесете такво решение, мислам дека ќе ги загубите симпатиите во светот. За жал, другиот предложен симбол, лавот, исто така, има негативни импликации“, пишува Сорос до македонските пратеници, писмо што не стигнува до нив. За само неколку денови потоа државата се задолжува за 25 милиони долари кај Сорос. Пратениците во опозиција во заемот гледаат политичка заднина. „Како протест дека се зема краткорочен кредит од заемодавец што нуди неприфатливи ставови за внатрешнополитичкото уредување во Република Македонија, спротивно на нејзиниот Устав, на гласањето не присуствуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ВМРО-ДП. Начинот, иако процедурален, се состоеше во барањето на опозицијата да ѝ биде презентирано оригиналното писмо од Сорос, како и тоа што е целта на Фондацијата Отворено општество“, се вели во извештајот за дневникот на националната телевизија.
Година на штрајкови
Во првите месеци во 1993 година државата ја тресат протести. Статистиката покажува дека инфлацијата е 434,2 проценти, а БДП е минус 7,5 проценти, невработеност нараснува на 27,7 проценти. Во таа 1993 година е донесен Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. Опозицијата не го прифаќа законот со кој „се легализира грабежот од партиите што го донесуваат, додека работниците гладуваат“.
Здравството, фармацевтите и социјалните работници влегуваат во генерален штрајк. Бараат да им се исплатат платите, кои, патем, се 200 германски марки, но и почитување на колективниот договор.
„Нова Македонија“ го пренесува д-р Слободан Дончевски: „Интимно се чувствуваме разочарани поради штрајкот затоа што сме присилени на пациентите да им велиме сами да се снаоѓаат. Всушност, цела година сме во некаков недефиниран штрајк бидејќи немаме никакви услови за работа. Нема лекови, рендгенски филмови, нема вата, немаме ни сапун да си ги измиеме рацете“.
Во февруари генерален штрајк го зафаќа РЕК Битола. „По категорично барање на над две илјади вработени на собирот, 23 раководители ги доставија оставките до директорот Панде Лазаров, а тој својата на работничкиот совет. Што се однесува до барањето за зголемување на платите, прашањето останува отворено до разговорите на генералниот директор на ’Електростопанство на Македонија’ со Владата“. Директорот на ЕСМ Мито Марковски, дочекан со аплаузи, побарал реалност во барањата, во услови кога стандардот е сериозно опаднат и со личен доход од едвај 80 германски марки…. повисоките плати остануваат во фокусот, во услови кога владата, практично, одговара дека е невозможно.
Во март, пак, штрајкуваат стотици девизните штедачи од цела Македонија. Велат, не сме социјални случаи, па бараат да се поништи Законот за депонирана девизна заштеда кој ограничува вадење само до 100 марки. Бараат да им се овозможи да располагаат со заштедата.
На ваквата слика се надоврзуваат и протестите на рударите, железничарите, на вработени во многу државни компании.
Авионски несреќи
1993 година е црна година за македонското воздухопловство. Сѐ уште незакрепнати од мартовскиот пад на „фокер 100“ на „Палер“, покрај Скопје, а која се случи поради замрзнатите крила на авионот, во ноември македонската јавност ја потресе падот на авионот на „Авиоимпекс“ кај Охрид. Летајќи од Женева кон Скопје, авионот бил пренасочен кон Охрид, кога се урна близу Охрид.
Во јануари. „Нова Македонија“ анализира „Колку е безбедно небото над Македонија?“ „Иако со денови двата аеродрома во Република Македонија се забранети за сообраќај во вечерните часови, домашните авиокомпании, спротивно на строгите прописи, полетуваат или се приземјуваат. За надминување на проблемот со осветлувањето на пистата на скопскиот аеродром, одговорните од АРМ, во чијашто надлежност е, моментно се во потрага по светилки. Системот е застарен, светилките не се стандардни, никој не ги произведува, па морало да се бара низ европските држави. Замената на системот би чинел 1,5 милион марки. За Охридскиот, пак, резервниот дел чини 3.000 марки“.
Во Македонија во јануари доаѓаа мисијата на ООН УНПРОФОР, за да спречи прелевање на воените дејства, но само како превентива и без мандат за интервенција. Во тој период кога пламнуваат воени дејства во поранешна Југославија, Грција прави притисок дека не постои македонска нација, ниту македонска држава. Светот станува глув на повикот за признавање, па под пресија од можна интервенција од соседите се создава атмосфера на итност за прием во ООН.
Македонија ја одбива Франција која се нуди за посредник, но поминува нацрт-резолуцијата на Англија, Франција и на Шпанија што се наметнува како услов за влез во ООН ја наметнува не само референцата, туку и разговорите за надминување на разликите за името.
По напливот на бегалци почнува изградба на бегалски камп во скопската населба Ѓорче Петров, што наиде на остра реакција кај јавноста. Со скандирање „Ѓорче не го даваме“, од протестите се бараше да се повлече полицијата и да не се решава на сила. Насилството меѓу полицијата и граѓаните остави22 повредени. Работата стигнува во Собранието, известен е инвеститорот од Северна Рајна Вестфалија, а Уставниот суд потоа ја запре изградбата на кампот.
Колемишевски: ВМРО-ДПМНЕ jа третиравме како неприjателска сила
Не беше лесно новинарството кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Уште во втората половина на осумдесеттите години се чувствуваше мирисот на можниот распад на Југославија, мирис што јавно доаѓаше од Словенија и од Хрватска, а тајно и силно за тој распад работеше Србија, особено по доаѓањето на Слободан Милошевиќ на политичката сцена. Сѐ поочигледен беше распадот на Сојузот на комунистите, а беше јасно дека без него Југославија нема да постои. Властите во Македонија, а со тоа и новинарството, ги следеа тие настани, но, искрено речено, во првите години, не велам дека се веруваше, туку постоеше надеж дека Југославија ќе опстои.
Во тоа веруваа и странските држави. Кон крајот на 1990 година, кај мене како генерален директор на НИП „Нова Македонија“ побараа прием повеќе амбасадори акредитирани во Белград. Дојдоа амбасадорот на Германија, на Велика Британија, Канада, Индија, Чехословачка, на неколку африкански земји и други високи дипломатски службеници. Сите тие, освен што се интересираа за Македонија, ме убедуваа да настојуваме во уредувачката политика да ги преферираме предностите на Југославија и дека светот не го поддржува распадот на Југославија. Подоцна се покажа дека и тие не биле добро информирани за намерите на големите сили.
По осамостојувањето и приемот на Македонија во Обединетите нации, сите амбасадори, дипломатски претставници или други странски гости, во разговорите со мене или со главните уредници на „Нова Македонија“ и на „Вечер“, во 99 проценти од времето поминато во разговорите се интересираа за позициите и за правата на Албанците во Македонија.
По заминувањето на „постарата“ генерација партиски и државни раководители, како што беа Милан Панчевски, Јаков Лазароски, Драгољуб Ставрев и други, кои беа луѓе со чест и доблест, на чело на СКМ дојде Петар Гошев, човек што ниту имаше, ниту, пак, создаде личен авторитет, ниту умееше да создаде личен контакт или да воспостави блискост. Неговата суета беше посилна од него. Во неговиот период весниците, можеби, го имаа најголемиот притисок или недоразбирања. Колку што тој сакаше да стега, толку новинарството се ослободуваше од дотогашните стеги.
Слична, дури и полоша беше ситуацијата во времето на првата влада на Република Македонија. Речиси секојдневни беа забелешките за тоа како известува „Нова Македонија“, во што водеа не само претседателот Никола Кљусев, туку со уште поголема упорност и закани се јавуваа потпретседателот Блаже Ристоски и министерот за информации Мартин Тренески. Пишани, улични, приватни закани имавме од многубројни поединци, кои не се согласуваа со уредувачката политика, а не беа малку ниту заканите од поединци или од групи од Србија и од Бугарија. Една од тие закани беше и од режисерот Љубиша Георгиевски, духовниот татко на весникот „Република“, член на МААК, а подоцна на ВМРО-ДПМНЕ, кој во неколку наврати во свои говори зборуваше дека нема да биде штета и ако се запали „Нова Македонија“.
Тој тренд продолжи во раните деведесетти години, по доаѓањето на власт на СДСМ, со Бранко Црвенковски како претседател на владата. Во почетокот имаше јавувања, многу повеќе од новите министри, отколку од Црвенковски. Тој ја научи лекцијата од претседателот Глигоров, кој имаше јасен став дека политичарите не треба да се караат со новинарите и дека, како такво, на македонското новинарство мора да му се обезбедува повеќе слободен простор за критика. Во таа смисла, Црвенковски, како и Глигоров, во повеќе наврати организираа ручеци или вечерни средби со дел од уредништвата како на изданијата на НИП „Нова Македонија“, така и со тие од Македонската радио-телевизија. Не велам дека не се пиело и пушело, дека понекогаш не владеела отпуштена или класична кафеанска атмосфера, но некакви јавни „пијанки“ и слично, барем во мое присуство, не се случиле. Друго биле моите лични приватни средби со Црвенковски, но тоа било дел од мојот или од неговиот приватен живот. За разлика од Глигоров и од Црвенковски, Стојан Андов беше понастојчив да оствари влијание во уредувачката политика , како и некои претседатели и членови на минорни партии.
Не е никаква тајна дека изданијата на НИП во тие години ја поддржуваа политичката линија на двоецот Глигоров- Црвенковски. Тоа не се должеше на некаква меѓусебна блискост, туку на историското минато на Република Македонија, на нејзините асномски корени, на зачувување на територијалниот интегритет на новата држава, како и на зачувување и реафирмацијата на македонскиот идентитет, писмо и јазик, во тоа време опасно загрозувани од трите соседни држави: Бугарија, Грција, Србија.
Исто така, не е никаква новост ако се соопшти дека Нова Македонија имаше негативен став кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски. Денес дури можам да речам дека ние таа партија не ја третиравме како опозиција, туку како непријателска сила на самостојна Република Македонија. Зошто беше така, бара долго и нашироко објаснување, но неколку години подоцна се покажа дека таквиот третман не бил без основа. Особено што нејзиниот лидер, во повеќе наврати го доведуваше во прашање идентитетот на македонскиот народ, ги доведуваше во прашање јазикот и писмото, што и денес истото го прават дел од нашите соседи.
Панде Колемишевски,
поранешен генерален директор на НИП „Нова Македонија“
Сомнителни самоубиства
Во 1993 година жесток критикувач на тогашната власт е новинарот Љупчо Анастасовски, чијашто насилна смрт потресе многумина. Александар Флоровски, еден од учесниците во креирањето на овој фељтон, ги долови моментите за него посочувајќи дека не верува дека станало збор за самоубиство.
– Човекот што го споменувате го знам. Сме разговарале, дискутирале за македонските работи, се работи за човек-патриот. Наводно, се самоубил во шифоњер, се обесил во него. Мажиште од метар и 90 да се обеси во шифоњер од 1,90 см. Нема логика. Потоа се вадеа различни афери за да се оцрни неговиот лик. Толку гадни работи се изнаслушав за него, што не верував дека нивната бедотија ќе оди до таа крајност. Бедотијата на тогашната власт. Во измислување и во омаловажување на веќе починати луѓе. Тоа е првата случка што сите нас многу нѐ погоди и нѐ загрижи. Влијаеше врз нас. Почнавме да размислуваме до каде може да одат „овие“. Со своите постапки. Да ликвидираш човек и да го носиш на душа не е едноставна работа. Сето тоа продолжи со низа неразјаснети… демек, самоубиства. Ете Миле Илиевски беше еден од „осумтемина“ (случај од осумдесеттите години на минатиот век за луѓе истерани од полицијата н.з.). Човекот се самоубива со два куршума. Човек или веднаш пука во себе или потоа се откажува, пред прагот да го загуби животот, се повлекува. Или самоубиството на вработена во службите во делот за прислушување. Со скокање под воз во Скопје. Може да беше ликвидирана на страна, па фрлена тука. Никого не обвинувам, но власта беше должна да ја испита оваа работа. Мое мислење е дека се работи за сомнителни случаи – додава Флоровски.
Прием во ООН
На 8 април Македонија станува член на ООН под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“. Премиерот Црвенковски во експозето пред пратениците објаснува дека тоа не е име и затоа почнува со мала буква.
– Oчигледно е дека, ако Македонија треба да влезе во ОН, во дадениот момент треба да биде употребено провизорното име „поранешна југословенска Република Македонија“. Ова ќе биде тешко за Македонија да го прифати. Меѓутоа, се разбира, ова е, едноставно, само привремен аранжман со кој се олеснува членството во ОН, додека не се реши овој спор. Меѓутоа, ако секоја од земјите не е подготвена на компромис, нема изгледи Македонија да влезе во ОН. Од нас не се бара никаква промена на името, никаква промена на Уставот, дури ниту промена на пријавата за прием во ОН. За да се покаже дека не се работи за привремено име, зборот „поранешна“ почнува со мала буква, а не со голема, како што би било случај, доколку се работи за име – посочи Црвенковски.
По ова тој и неговата влада „преживеаа“ гласање за доверба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Лустрацијата – недовршен процес (Том IX)
-
Груевски: Грантови за компаниите кои ќе ги рестартираат фабриките жртви на транзицијата
-
Димовски: Државата ќе помогне да се рестартираат фирмите жртви на транзицијата
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)