Судската разврска за случајот „Шпион“ предизвика низа коментари и написи во домашниот, балканскиот и во светскиот печат. За разлика од дел од домашните аналитичари, кои сакаат да го дефинираат случајот како политичка пресметка со власта, најголем дел од странските известувачи ставаат акцент на еден дел од пресудата, фактот дека се работи за прв случај на расчистена шпионажа. Во земја која од својата независност е преполна со странски и со домашни оперативци на странски служби, навистина, е неверојатно „Шпион“ да е единствен случај на продавање тајни информации на странски држави. Во последните дваесетина години регионот дозна за низа оперативци што, поради различни побуди, продавале или предавале без паричен надомест чувствителни информации. Се разбира, за голем дел од нив јавноста никогаш нема да дознае затоа што тие не се фатени или, пак, скандалите биле решавани на дипломатско ниво меѓу засегнатите држави.
Најпознатиот осуден шпион поврзан со регионов, секако, е Стивен (Ставрос) Џон Лалас. Овој Американец со грчко потекло, роден во 1953 година, е поранешен офицер за комуникации во американскиот Стејт департмент кој во 1993 година беше уапсен во Вирџинија поради тоа што ѝ предавал чувствителни воени и дипломатски информации на Грција. Откако се изјаснил за виновен по обвинувањето за заговор, Лалас бил осуден на 14 години, а откако бил помилуван, имигрирал во Грција, каде што бил дочекан како херој.
Додека работел како шпион, Лалас предал околу 700 високодоверливи документи меѓу кои имало и разузнавачки информации за турската воена стратегија во Егејско Море, но и информации за американските процени за Република Македонија.
Според изјави на американски претставници, во текот на судењето било откриено дека Грција однапред ги знаела секоја информација и секој план што ги имала американската администрација во врска со името. Познавачи на проблемот со името тврдат дека Лалас ѝ обезбедувал огромна стратегиска предност на Грција затоа што официјална Атина преку неговите документи навремено можела да ги поставува своите позиции и да лобира секогаш кога работите во врска со Македонија не оделе во нејзин интерес.
Лалас служел во Атина, Измир, Белград, Истанбул и во Тајван. Американските обвинители на судењето тврделе дека Лалас заработил 24.000 долари за две години преку продавање документи. Тој имал редовен прилив на пари продавајќи извештаи на американската воена разузнавачка агенција во кои имало информации за големината на воените сили на дел од балканските земји, меѓу кои и Македонија, како и политики анализи и разговори содржани во дипломатски белешки и преписки меѓу Амбасадата на САД во Атина и Белата куќа. Лалас продавал и преписки од ФБИ за напорите во борбата против тероризмот, како и имиња и опис на работни задачи на агенти на ЦИА стационирани во Европа и на Блискиот Исток.
Лалас бил фатен случајно откако претставник на американската влада забележал дека грчки официјален претставник поседува информации што биле дел од тајна комуникација меѓу американската амбасада во Атина и Стејт департментот. Откако Американецот го пријавил инцидентот во тајна операција на ФБИ, преку видеонадзор било утврдено дека Лалас краде документи што требало да бидат уништени, при што ги вадел надвор од американската амбасада и ги предавал на грчки офицер за врска. Според американските власти, Лалас првично тврдел дека бил регрутиран од грчки воени претставници и дека се плашел за безбедноста на своите роднини што живееле во Грција доколку не соработувал со грчките служби. Подоцна е утврдено дека почнал да шпионира за грчката влада уште во 1977 година кога работел за американската армија.
Во 2007 година Лалас се враќа во Грција откако грчкиот министер за правда писмено се обврзал дека тој ќе биде достапен за американското правосудство.
За голем дел од Грците Лалас е херој, а за безбедносните служби на јужниот сосед е најуспешниот шпионски проект во 20 век. Во едно интервју тој изјави дека иако поминал 14 години во затвор одвоен од својата сопруга и од двете деца, повторно би го сторил истото. Сѐ уште одбива да признае дека за документите добивал пари и тврди дека шпионажата ја вршел од патриотски чувства за Грција. Американските власти не се сигурни дали во текот на истрагата ги откриле сите активности на Лалас.
Французи шпионирале за Србија, Бугари за Украина
Во 2000 година романското МВР уапси свој граѓанин од понизок полициски ранг и бугарски државјанин, Маринов Жиколов, кои биле обвинети дека преку сложена мрежа организирана како разузнавачка служба продавале воени тајни на непријателски земји. Двајцата биле обвинети дека за еден документ наплатувале по 1.000 долари. Иако никогаш не беше јавно објавено, официјален Букурешт е сигурен дека двајцата соработувале со руски служби, и тоа преку Украина. Киев не ја коментираше информацијата дека нивен дипломат е протеран од Букурешт во врска со овој скандал. Романскиот службеник му предавал на Бугаринот тајни информации поврзани со радарските инсталации на Романија, по што тој ги предавал на украинско воено аташе во Букурешт. Поради тој инцидент, претседателот Трајан Башеску ја откажал посетата на Киев во 2009 година.
Во светот на шпионажата на Балканот најмногу се пишувало за шпионите поврзани со Србија. Во последните дваесетина години најпознати во овој контекст се Милош Станковиќ и двајца Французи. Станковиќ, кој бил мајор во британската војска, во текот на војната во Босна им давал податоци од командата на британската армија во Сараево на босанските Срби. Французинот Пјер Анри Бинел е уапсен во 1998 година за давање тајни информации на српските власти за време на косовската војна, по што отслужел едногодишна затворска казна. Познат под името Жива Кобра, Бинел им помагал на српските единици стационирани на Косово експресно да ги менуваат локациите за да ги избегнат нападите на силите на НАТО.
Вториот Французин е Ив Гурмелион, со чин мајор, кој заради лични симпатии во 1997 година му го предал на лидерот на босанските Срби планот за неговото апсење. И еден Американец е дел од шпионските акции на Балканот, повторно помагајќи ги Србите. Сѐ уште анонимниот оперативец преку исповед за германски медиуми признал дека три месеци за време на нападот на НАТО врз СР Југославија им предавал тајни информации на Русите, кои потоа биле користени од српските служби. Во интервју за „Би- Би-Си“ за него говорел и поранешниот генерален секретар на НАТО, Весли Кларк, кој му ги препишува слабите резултати од бомбардирањата и загубата на авион од типот „Ф – 117 А“.
За Србија шпионирала и една Швеѓанка, која се вљубила во преведувач на КФОР и му испраќала доверливи документи на НАТО и на ОН, како и планови на КФОР на Косово. По истрагата на шведските и на американските оперативци, Швеѓанката била вратена дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.