| четврток, 6 декември 2018 |

Пентагон тврди дека над 500 џихадисти се убиени во Кобане

Американската армија смета дека убила неколку стотини џихадисти од Исламската држава во воздушните напади во и во околината на курдскиот град Кобане (Ајин ал-Араб, на арапски) на сириско-турската граница, изјави во средата навечер претставник на Пентагон.
Зголемениот број напади на коалицијата предводена од САД врз третиот по големина курдски град во Сирија кој повеќе од три седмици е под опсада на борците на Исламската држава, последица на засиленото дејствување на џихадистите во регионот, но и покрај нападите, градот и натаму би можел да падне во рацете на радикалите, изјави Џон Кирби на средбата со новинарите во Вашингтон.
Коалицијата започна во август да ги бомбардира позициите на Исламската држава во Ирак, а во Сирија ги прошири во септември, во обидот да ги порази сунитските радикални милитанти кои држат третина од сириската и од ирачката територија, на која во јуни прогласија „исламски калифат“.
Координаторот на меѓународната коалиција, американскиот пензиониран генерал Џон Ален, изјави во Вашингтон по враќањето од Ирак, Јордан и Турција, дека коалициските земји се согласни дека „воениот аспект е важен, но не и доволен“ за да биде поразена Исламската држава. Како што изјави пред новинарите во Стејт департментот, борбите засега не даваат „ниту победник, ниту поразен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top