| четврток, 6 декември 2018 |

Штети од поплавите претпреле 831 семејство или 3.800 граѓани

poplava

Последните извештаи покажуваат дека последици од поплавите непосредно претрпеле 831 семејство, или околу 3.800 лица, објави во средата македонската влада, најавувајќи помош за настраданите.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информираше дека во текот на денешниот ден веќе ќе биде завршена исплатата на еднократната парична помош од 15.500 денари по семејство, која ќе ја добијат 831 семејство.

– Би сакал да укажам дека овие средства, во согласност со законот, се трансферирани по основа на елементарна непогода и кога ќе легнат на трансакциските сметки, апелираме извршителите да се воздржат од извршување на овие средства доколку некое лице од засегнатите на кои им се префрлени средства има нерасчистен долг по друга основа – изјави Ѓорѓиев.

Тој најави дека до крајот на неделата ќе биде завршена доставата на облека и обувки до загрозените лица.

– Секое од 3.800 лица ќе добие по два комплета зимска и два комплета летна облека и обувки сортирани во согласност со пол и возраст, односно ќе бидат распределени 15.200 комплети облека и обувки – рече Ѓорѓиев.

Во оваа насока, Владата предложи измени на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, со кои се предвидува можност запленетите добра наместо да бидат уништувани, по нивното демаркирање да бидат доделувани на лица кои претрпеле штети од елементарни непогоди или, пак, корисници на социјална помош.

Владиниот портпарол рече дека во погодени подрачја досега се испорачани 250 кутии на лекови, и тоа антибиотици, лекови за срцеви заболувања, лекови за мозочни удари, лекови за температура и лекови за стомачни заболувања, а во текот на денешниот ден ќе бидат испорачани лекови во количина од околу 400 кутии, со што ќе се задоволат месечните потреби на пациентите.

Владата вчера расправаше за состојбите, и врз основа на примените извештаи го донесе и усвои вториот пакет на мерки за помош и поддршка на населението и регионите кои се загрозени. Фокус на овој пакет мерки е инфраструктурна поддршка на потребите на населението и на општините.

Прво, Владата одлучи и ја усвои информацијата во врска со надминување на ситуацијата со лицата на кои поплавата им ги загрози или целосно им ги уништи живеалиштата. Усвоена е методологија за категоризација на оштетувањата врз основа на која ќе бидат димензионирани помошта и поддршката.
– Прва категорија објекти се објекти што немаат видливи конструктивни оштетувања , а освен влагата како и последици од поплавата (оштетување на мебел и покуќнината) во објектот по неговото чистење и дезинфицирање непречено би можело да се живее во исти или слични услови, како што биле претходните услови во објектот. Ваквото оштетување би изнесувало 25 проценти оштетеност.
– Втора категорија на оштетени објекти би претставувале објекти кај кои треба да бидат преземени дополнителни санациски мерки од аспект на изведување на дополнителни занаетчиски работи, како што се промена на под, врати, внатрешни санации на просториите, санирање на санитарниот јазол и сл. Ваквото оштетување би изнесувало до 50% оштетување.
– Трета категорија на објекти претставуваат објекти кај кои се делумно оштетени конструктивните елементи на објектот, за кои се потребни преземање санациски мерки (доѕидување, бетонирање и сл.), како и извршување пообемни занаетчиски  работи (за објекти за кои ќе се утврди дека е економски исплатливо да бидат санирани), кои би требало да бидат извршени не подолго од 15 до 30 дена, а ваквото оштетување изнесувало до 75 проценти оштетеност.
– Четврта категорија објекти претставуваат објекти кај кои, поради влијание на водената стихија, се делумно или целосно оштетени конструктивните елементи на објектот, за кои е потребно преземање санациски мерки (доѕидување, бетонирање, промена на конструктивни елементи, инсталации и сл.), како и извршување пообемни занаетчиски работи (за објекти за кои ќе се утврди дека е економски исплатливо да бидат санирани) кои би требало да бидат извршени повеќе од 30 дена, а ваквото оштетување би било сто проценти оштетеност.

За сите раселени лица (семејни домаќинства), чии објекти се од четврта категорија, односно санацијата е невозможна, Владата ќе обезбеди објекти за трајно сместување кои трајно ќе го решат проблемот за домување на овие лица, и тоа во постојни или ново изградени станбени капацитети (станови) изградени по програмите на Владата, или, пак, монтажни објекти кои претставуваат куќи, двокуќи или помали објекти за индивидуално домување со три станбени единици, за што финално ќе се одлучи по добивањето на сите извештаи.

Второ, Владата одлучи да биде исплатена и оштета за уништените земјоделски површини. Во следните денови тимови на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе направат конкретна пресметка на оштетувањата на секое индивидуално земјоделско стопанство, и во согласност со закон потоа ќе биде определена сумата на помош и поддршка, и паритетот и учество во истите, за секое земјоделско стопанство поединечно кое е погодено од оштетувањата.

Првичните процени говорат дека вкупната површина погодена од поплавите е на околу 10.000 хектари. Од нив околу 4.000 хектари се под житни култури, луцерка, ораници и ливади, а 600 хектари под повеќегодишен насад (овошен и лозов насад). Според информациите од Земјоделскиот факултет и стручните служби, на овие подрачја засадени со вакви култури не би требало да има посериозни оштетувања бидејќи водата веќе е повлечена. Останатите околу 5.000 хектари се под градинарски култури (раноградинарски под пластеници, зелка и кромид).  И за нив се очекува конкретната пресметка на оштетениот земјоделски род, по што ќе излеземе со модалитетот на помош и поддршка.

Трето, Владата формираше специјален тим предводен од заменик-претседателот на Владата, Владимир Пешевски, кој ќе има за задача да изготви извештај за вкупните оштетувања на инфраструктурните објекти и предлог-мерки за санација на истите.

Четврто, на следната владина седница, врз основа на одлучување, ќе се определи количината сточна храна која од Агенцијата за стокови резерви ќе биде отстапена на земјоделските стопанства.

Владата ќе продолжи да ја следи состојбата активно и на дневна основа, и врз основа на процените, извештаите и анализите ќе преземе дополнителни мерки и активности за задоволување на потребите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top