
Колумнист: Горан Момироски
Евентуалното губење на препораката за почеток на преговори би било уште еден срам за ЕУ, која не можејќи да се соочи со грчките блокади се обидува да се ослободи од грижата на совест за Македонија. Одземањето на препораката, доколку воопшто се случи затоа што од Брисел пристигнуваат и дијаметрално спротивни информации од тие што се објавени од ТВ „Алфа“, може да биде сериозен удар за Македонија, но и не мора. Освен ликувањето кај соседите-членки, кои сметаат дека со македонскиот „ лет во место“ полесно ќе можат да нѐ притиснат во обидот да станеме македонски Бугари или Славомакедонци и можноста опозицијата да дебатира кој е виновен за „застојот“ што формално трае со години, реално, тешко е да се каже што ќе загуби земјата кога и така сите во Брисел повторуваат дека нема проширување до 2019 година. Македонија, без разлика на препораката, и понатаму останува кандидат за членство, со што има пристап до европските фондови. Бараните реформи, усвојувањето и спроведувањето на европското законодавство, ќе продолжи како што течеше и досега. Напредокот, како и досега, секоја година ќе биде споменат во годишните извештаи, како што ќе бидат наведени и подрачјата во кои нема напредок, има статус кво или има влошување на ситуацијата.
Туѓа несреќа никогаш не носи лични поени
Иако најголемата опозициска партија беше прозвана за тоа дека одземањето на препораката било предизвикано од нејзиниот бојкот на Собранието, од таму веднаш вратија дека единствен виновник за ваквиот развој на настаните е премиерот Груевски и неговата влада. Лидерот Заев и раководството не можат да се надеваат дека со ова ќе добијат поени во јавноста. Како што во 2005 година добивањето на кандидатскиот статус беше придобивка на сите, така и сега губењето на препораката ќе биде одговорност на сите, особено затоа што во општата оцена бојкотот на Собранието би бил главен настан. Дополнително, на СДСМ ќе му треба многу време за на голем дел од јавноста да ѝ објасни дали една од главните цели на бојкотот на Собранието, всушност, е одземање на препораката. Во овие политички калкулации во СДСМ пропуштиле да пресметаат дека дури и ако со бојкотот ја постигнале политичката цел и дошле до одземање на препораката, што сѐ уште не е потврдено, нивниот урнисан рејтинг во никој случај не може да биде зголемен со општата беља, па дури и единствена причина за неа да е ВМРО – ДПМНЕ. Конфузните чекори со учеството на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори, катастрофалниот пораз и неприфаќањето на изборните резултати, не му даваат право да се надева дека лошо сценарио за Груевски може да биде добро за Заев. Исто како што катастрофалната лоша состојба во која се наоѓа некогаш моќната партија не може да биде добра за Македонија.

Кој ќе го јаде срамот во Брисел и во Македонија?
Доколку, навистина, Македонија остане без препорака, ќе биде интересно да се види како ЕУ ќе го образложи тоа што по пет години преодни оценки за македонските реформи, сега одеднаш сѐ паднало во вода. Особено ќе биде интересно да се види како ќе биде објаснето дека поради една партија што ги бојкотира државните институции, но не и локалните, ќе треба да бидат „осудени“ сите други успешни реформи, кои, како што информираат европски бирократи, се подобро спроведени и од некои земји-членки. Ќе биде интересно да се следи Штефан Филе ако мора пред европската, регионалната и пред македонската јавност да го прогласи својот најголем пораз како европски функционер, како чешки дипломат, но и како човек.
(Текст објавен во 109. број на неделникот Република, 3.10.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


