По неколкуте сончеви и релативно топли денови, а и најавите за пораст на температурата во деновите од викендот, за момент помисливме дека зимата е зад нас. Но, од вторник не очекува продор на студен воздух, кој ќе услови пад на температурата, па дури е можно и паѓање снег.
Интересна е синоптичката ситуација над Европа.
Над Атлантикот се наоѓа циклон, чија долина ќе се придвижува кон југоисточна Европа, па затоа речиси цела јужна Европа за време на викендот ке биде под влијание на низок воздушен притисок, кој ќе услови релативно висока температура за овој период од годината.
Но, на север ќе се создаде ситуација која ќе услови продор кон Европа на многу студен воздух. Над Гренланд и над Норвешко Море ќе се формира област на висок воздушен притисок – антициклон, кој ќе услови многу студениот воздух од Сибир да се движи кон запад. Па, така во деновите од викендот вистински поларни температури ќе зафатат поголем дел од Скандинавија, каде што се очекува температурата да се спушти и под минус 20 Целзиусови степени.
Студениот континентален воздух што ќе ги зафати северна и северозападна Европа ќе се придвижува и кон Балканскиот Полуостров, а со тоа и кон Македонија. Тоа значи дека од вторник Македонија ќе биде под влијание на овој студен бран, кој ќе услови пад на температурата. Најстудените денови се очекува да бидат во периодот од 14 до 18 март кога се очекува ниска утринска температура во интервал од 0 до минус 8 Целзиусови степени и можност за снег.
Извор: weather4all.com.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.