| четврток, 6 декември 2018 |

Децата не „фермаат“ никого, Врбица Стефанов во немоќ ја напушти позицијата тренер на младинците на МЗТ Скопје

Шокантна вест стаса од таборот на македонскиот првак МЗТ Скопје, а се однесува на легендата на нашата кошарка Врбица Стефанов, кој ја напушти позицијата тренер на младинската екипа поради недисциплина на кошаркарите што имаат само 17-18 години. За порталот „Екипа“, популарниот Врба, објави неверојатни податоци за непрофесионалниот однос на „децата“ кои би требало да бидат иднина на македонската кошарка.

Јас дојдов тука за да помогнам, да се обидам да создадам играчи што за една до две години би се лансирале во првиот тим. Имам желба и ентузијазам, но тоа очигледно не е доволно. Недисциплината е неверојатна, не само во играта во која не се реализира ниту една акција, ниту еден напад, онака како што ќе зацртаме, туку работата е дојдена дотаму што некои деца не доаѓаат на тренинг дури ни кога ќе го закажам во 13 часот, затоа што им било многу рано. Сметам дека не заслужувам таков однос, бидејќи јас жртвувам голем дел од себе во целиот овој проект, а за возврат добивам неверојатен непрофесионализам. Доколку врз претходните работи можеби и би можел да влијаам како тренер, тогаш дефинитивно не можам да влијаам врз зависта и љубомората меѓу самите играчи. Тоа е нешто што е апсолутно неразбирливо за мене за играчи на оваа возраст, па затоа сметам дека е најдобро „бракот“ да се прекине порано, за да не се дозволи ситуацијата да ескалира“, изјави за „Екипа“ Стефанов.

Тој најави дека ќе остане во МЗТ Скопје, а неизвесно е во каква функција. Ваквиот развој на настаните е шокантен, особено што се работи за малолетни спортисти, кои покажуваат непрофесионалност и недопустлива недисциплина. На сличен однос од кошаркари кои чукаат на портите на првиот тим на МЗТ Скопје се пожали и тренерот на сениорите, Змаго Сагадин.

„Од кошаркари што очекувам веќе да играат за првиот тим не очекував ваква недисциплина. Кога ќе видите кошаркар што има амбиции да биде репрезентативец на Македонија, како јаде по четири-пет колачи по тренингот и не покажува желба да се наметне со дисциплина и напорна работа, не можете многу да сторите. Како родител ги советувам да тренираат, да внимаваат на спортските кодекси, но немам механизми против нивна волја да влијаам да се однесуваат професионално“, изјави за „Република“, Сагадин.

Ситуацијата со младите спортисти во Македонија кои немаат вистински амбиции да го надградат талентот со макотрпна работа, станува алармантна, а е присутна во повеќето спортови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top