| четврток, 6 декември 2018 |

Каталонија до 15 октомври ќе реши дали ќе распише референдум за независност

Регионалната влада на Каталонија до 15 октомври ќе реши за одржување референдум за независност од Шпанија. Првобитно било планирано референдумот да се одржи на 9 ноември, но со одлука на Уставниот суд таа одлука била запрена.

Регионалната влада на Каталонија, меѓутоа, соопшти дека и понатаму планира да одржи референдум, додека ги разгледува начините како да го убеди Уставниот суд да ја укине привремената забрана за гласање. Во текот на викендот, на локалните телевизии се појавиле реклами дека ќе бидат почнати „правни, политички и институционални иницијативи за да се гарантира правото да се решава за политичката иднина на Каталонија“, пренесува „Ројтерс“.

Премиерот на  Шпанија, Маријано Рахој пред два дена се заложи за дијалог со лидерите на Каталонија, кои не се откажуваат од референдумот за независност од Шпанија и покрај противењето на Мадрид.

Според најновите резултати од испитувањето на јавното мислење, големо мнозинство на жителите на Каталонија, 70,08 проценти го поддржуваат одржувањето на референдумот за независност од Шпанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top