
Со ретроспективна изложба на Василие Поповиќ-Цицо, основоположникот на македонската сценографија, карикатурист и сликар, вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе почне манифестацијата „Бела ноќ“ во Скопје. Даут-пашиниот амам е само една од националните и градските институции што вечерва ги отвораат вратите за сите посетители до доцна во ноќта. Главна атракција вечерва ќе биде хорот „Перпетуум џезиле“, кој ќе настапи на плоштадот Пела во 21 часот.
Организаторот Младинскиот културен центар најави богата и разновидна програма – музичка програма на 10 музички сцени со 10 различни жанрови, голем број на ликовни изложби и инсталации, литературни читања, филмски маратон… Ќе настапат уметници од Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и од сите балкански земји. Истовремено ќе настапат Тони Kитановски и Мухамед Ибрахими на плоштадот Kарпошово востание (20 ч) и на Женскиот младински хор пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, инсталации во МKЦ, во Градскиот парк, пред Домот на АРМ, улица Македонија, „Галерија 8“… На програмата се изложби на Атанас Атанасов, на Глигор Чемерски, Спасе Kуновски, Благоја Николовски и Kирил Ефремов, повеќе групни изложби. На мостот „Око“ ќе се чита љубовна поезија, а поетско-музички перформанс ќе има и пред библиотеката „Браќа Миладиновци“.
Во соработка со ЈСП ќе има бесплатен превоз со линиите што сообраќаат кон центарот на градот, а во Зоолошката градина ќе има пладневно матине. Сите настани на „Бела ноќ“ се бесплатни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


