Амбасадорот Џес Липинкот Бејли, како и секој друг дипломат, може да згреши. Не може целосно да се исклучи дека во моменти кога тој се обраќаше пред Комитетот за надворешни работи на американскиот сенат беше под стрес и поради тремата направи банална грешка што ќе го чини негативен имиџ во наредните три-четири години во Македонија, каде што ќе ја претставува земјата-пријател. Сепак, ако се анализира неговиот говор, може да се заклучи дека тој точно знаеше што говори пред своите колеги, идни амбасадори и американски сенатори. Во неколку наврати зборуваше за етнички Албанци, за македонски граѓани, но и за македонска популација мислејќи на целото население што живее во земјава. Ниту еднаш не спомена Македонци, етнички Македонци или каков било етнички македонски предзнак. Тој не само што не го исправи претседавачот со комитетот на Сенатот, туку и ја повтори неговата навредлива теза од прашањето и потврди дека во Македонија, покрај другите, живеат две главни групи – Словени и Албанци. Со оглед на поминатите 29 години во дипломатската служба, тешко е да се поверува дека Бејли направил грешка. Дали се работи за нова стратегија на американскиот Стејт департмент во обидот да се натера Македонија да попушти во спорот со Грција или, пак, едноставно, не му бил денот на Бејли за време на сослушувањето, ќе се види веднаш по доаѓањето во Скопје. Тој нема да може да избега од прашањето зошто го смени името на цела една нација и со тоа веднаш ја загуби поддршката од македонската јавност, која ја спомена како еден од партнерите во неговата мисија да ја направи Македонија членка на НАТО.
Има ли Бејли алиби?
Просторот успешно да се одбрани со некакво непознавање на околностите, за жал, е многу мал. Џес Липинкот Бејли е професионален познавач на јавноста, бил шеф на прес-центарот за странски медиуми во Стејт департментот на САД во Вашингтон, а на други позиции во својата кариера вршел портпаролски функции, што значи дека одлично знае какви се последиците од несоодветно употребени ставови за проблематични теми.
Номиниран е за нов амбасадор во САД уште во јули, што значи дека имал цели два месеца за да се запознае со македонските специфики, слаби и силни страни на јавноста, да дознае што го мачи и пече овој народ, кој има судбина да не може да го живее тоа што е. Бејли имал доволно време да се распраша меѓу своите пријатели што значи националната одредница Македонец да се замени со племенскиот назив Словен. Во неговата биографија пишува дека одлично ја познава европската историја на која магистрирал на еден од најдобрите светски универзитети, „Колумбија“, а извесен период во Стејт департментот бил одговорен токму за Југоисточна Европа во која живеат најголемиот број Словени, освен Русите.
Со својата изјава Бејли успеа да не го навлече гневот на Грција, која е среќна што Вашингтон не нѐ именува како Македонци, но со тоа ги навреди не само Србите, Власите и Бошњаците, туку и Полјаците, Словаците, Словенците, Русите, Бугарите и сите други Словени што се гордеат со своето словенско потекло, историја и култура, а кои сега, според американскиот амбасадор, целосно му се припишуваат на Македонецот, односно на Словените од Македонија.
Во своето пристапно излагање Бејли изјави дека тој работи во интерес на американските граѓани и дека тоа е факт што Македонија мора да го прифати како реалност, исто како што македонските дипломати, барем најголем дел од нив, работат за своите граѓани и држава. Во тој контекст не е страшно и тоа што тој во случајов многу повеќе сработи во интерес на граѓаните на САД што се од грчко потекло, а многу помалку во интерес на Македонците што живеат во Америка. Проблемот е во тоа што македонската јавност, со која тој имаше надеж дека ќе соработува, очекува од својот стратегиски пријател да држи до принципите за кои зборува со години и во чиешто име САД досега за помош на Македонија потрошиле повеќе од една милијарда долари.
Дополнително, Бејли заборави дека со својата изјава навреди и дел од членовите во истиот тој конгрес каде што ја најави својата платформа како амбасадор. Имено, во американскиот конгрес функционира група од дваесетина конгресмени, која не се нарекува словенска туку македонска, односно Конгресна група за Македонија и за македонските Американци (The Congressional Caucus on Macedonia and Macedonian-Americans), чијашто цел е да се одржат и зацврстат позитивните и заемнокорисни односи меѓу САД и Македонија.
Признавањето на името никому не му дава право да ни ја менува националноста
Тоа што САД во 2004 година ја признаа Македонија под уставното име не може да биде аргумент против дебата во врска со изјавата на Бејли. Принципиелното однесување на САД пред 10 години не смее да биде причина да премолчиме сега кога Вашингтон отстапува од своите правила на игра. „Домашните кусогледи неранимајковци“ што деновиве непотребно се ставија во „одбрана“ на амбасадорот на најмоќната светска дипломатија нема да помогнат во спроведување на стратегиското партнерство со САД, на кое се горди најголемиот дел од граѓаните, што дополнително треба да биде причина за американската администрација, чијшто претставник сега номинално е Бејли, повеќе да внимава кога темата е ова горливо прашање. Лицемерството на дел од тие што до вчера тврдеа дека Македонија треба да води своја автентична политика исклучително втемелена на своите национални интереси, тргнувајќи од свои лукративни причини сега запнаа да го бранат Бејли, којшто точно знаел што го чека ако наместо како Македонци нѐ именува како Словени. Како што знае, неговото споменување не е насочено кон него лично, туку кон принципите на американската дипломатија во овој случај. А, кога се работи за нив, Македонија како мала земја нема алтернатива освен да гради принципиелен однос со своите партнери и пријатели што не е случај со „бранителите“, кои, доколку беше во прашање некоја друга земја, веднаш ќе бараше владата да објави војна. Освен ако јавната грешка на идниот амбасадор не е дел од некаква тајна дипломатија која прво треба да ги „стопи“ грчките црвени линии, а потоа да создаде основа за конечно решение за името, Бејли ќе има сериозен проблем да работи во интерес на САД во земјава на мирен начин, без големи потреси во јавноста. Засега, за среќа, интересите на Македонија и на САД се исти, влез на земјава во НАТО и изградба на демократски институции во кои во целост ќе бидат почитувани индивидуалните и колективните човекови права. Бејли мора да знае дека почитувањето на правото на самоидентификација е дел од корпусот на елементарни права за кои ниту се преговара ниту се разговара. Исто како што не смее да се спори правото, но и обврската, на САД во свој и во интерес на регионот и на континентот да извршат притисок врз Грција да се надмине спорот за името. За почеток доволно е во овој контекст да се почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, чии основачи се САД и Грција.
Теории на заговор
Дали со тоа Бејли најави дека една од варијантите за името што ја турка Вашингтон е Словенска Македонија? По вакви шокантни изјави со кои се прекршува основниот принцип и во меѓународното право, но и во повелбата на Обединетите нации, правото на самоименување и самоидентификација, почнаа низа шпекулации. Па, така, според едно сценарио САД се решени да ја притиснат Македонија да попушти затоа што Грција не смее да се притиска. Бејли, можеби, е важен странски претставник на светската сила број еден, но, сигурно, нема да сака да биде запаметен како човек што поради дневна политика прекршил едно од најважните правила во корпусот на индивидуални човекови права. Другата теорија на заговор што може да се слушне од „добри познавачи“ на глобалната дипломатија, а која е поврзана со поднасловот од овој текст, е во врска со Русија. Има ли поврзаност меѓу изјавата на Бејли и фактот дека покрај Србија, која јавно одби да ги прифати американско–европските санкции кон Русија, Македонија е една од ретките земји во регионот што сѐ уште не ги прифатила? Ова е уште едно прашање на кое Бејли ќе мора да одговори кога ќе пристигне во Скопје.
Немој, не ме брани
Американскиот амбасадор во заминување Волерс, во обид да го одбрани својот наследник, дополнително го стави во непријатна позиција. Според него, во земјава непотребно се кренало врева за изјавата, која, според него, била „непрецизно пренесена“. Изјавата на Волерс во која тој нагласи дека САД не ја промениле политиката кон Македонија и дека го почитуваат идентитетот на македонскиот народ, делумно ја смири јавноста, но отвори и нови теми за дебата. Македонските медиуми во последно време не можат да бидат многу горди на својата професионалност, но кога се работело за потезите на САД кај нив речиси и немало „грешки“ какви што има на други теми, пред сѐ поради почитта кон САД како пријател на земјава. Дали, навистина, изјавата на Бејли била непрецизно пренесена и извадена од контекст како што тврди Волерс, можете да видите и сами од транскриптот на видеото објавено на Комитетот за надворешни работи на американскиот сенат. Овде го пренесуваме делот од прашањето на сенаторот Марфи и спорниот одговор на амбасадорот Бејли. Тврдењето дека се работи за вадење од контекст и за непрецизност, за жал, најблаго кажано, не е точно.
Транскрипт: Марфи – Бејли, сослушување во сенатот на САД
Прашање: Споменавте нова загриженост за етничките тензии во Македонија и, се разбира, етничкото помирување е клучен елемент за траен регионален мир на Балканот, значи го имате словенското мнозинство и албанското малцинство, ги имате извештаите за зголемените тензии и, како што споменавте, Охридскиот договор. Што знаете за Охридскиот договор, со оглед на тоа што сѐ уште не сте таму и сѐ уште не сте длабоко навлезени во тој процес. Нo, како што нашироко зборувавте за тоа што може нашата мисија да направи за тој, можеби, сѐ поголем проблем, можеби ќe можете подетално да ни објасните и што можат САД да направат во однос на тој договор и за подобрување на ситуацијата?
Одговор: Ви благодарам господин претседател, тоа е добра забелешка. Охридскиот договор стави крај на граѓанскиот конфликт и поттикна активно учество на албанското малцинство во владата и во економијата на земјата, како и во иднината на Македонија. Имаше важен напредок во земјата во многу аспекти, како што веќе споменав, Владејачката албанска партија сега е дел од владината коалиција, со поголема застапеност во локалната самоуправа на локално ниво, така што луѓето имаат повеќе контрола врз својот живот. Но, треба да се поработи на уште многу нешта. Како што видовме според демонстрациите што се случија во јули по пресудата, многу Албанци се сомневаат во правичноста на судството. Тоа е сценариото на кое активно работиме со цел да се зголеми довербата во судството, не само на етничките Албанци, туку и на Македонците. Исто така, работиме во повеќе области, од јавната дипломатија до програмите на мировниот корпус, сѐ со цел да се создаде чувството на заедничка иднина и толеранција меѓу албанското и македонското население. Јас би забележал дека во структурата на македонското општество постојат и други националности освен Словените и Албанците. Постојат Турците, постојат Ромите и другите, така што тоа на многу начини претставува еден микрокосмос на богатството на Балканот и мислам дека САД, со оглед на својата историја и на својот сет на вредности, можат да им помогнат на тие националности да ја видат заедничката иднина.
Прашање: Ја споменавте недоволната доверба во судството, а кога Македонија во 2005 година за првпат доби статус на кандидат во ЕУ се сметаше дека земјата е вистински пример за успех во Западен Балкан. Оттогаш, забележани се само незначителни пропусти во спроведувањето на демократијата и во интегритетот на нивните институции. Ве прашувам за нешто за кое би имале подобар увид дури кога ќе отидете таму, но дали воопшто имаме некаква претстава што е клучната причина за влошувањето на состојбата кај некои од нивните демократски и судски институции?
Одговор: Мислам дека една од главните причини е големата политизација на некои од овие институции, вбројувајќи ги и судството и медиумите. САД вложуваат напори во програми за поддршка, во програми за јавна дипломатија. За да се подобри оваа ситуација, ги зголемивме обуките во судството, воведовме новости како прирачници за одредување казни за поголема правичност, автоматски менаџмент на предметите за да се избегне политизација во доделувањето судски предмети, етички кодекс итн. Во суштина, сметаме дека се потребни силни, слободни и непристрасни медиуми, како важен показател на политичката моќ. Тоа е друга област на која работиме. Со нетрпение очекувам да ги разгледам сите овие прашања и да дознаам како можеме најефективно да влијаеме.
Кoј е Џес Бејли
Новиот шеф на американската амбасада во Скопје доаѓа од позицијата заменик-шеф на американската мисија во Анкара, каде што заминал во 2011 година од позицијата директор на Канцеларијата за прашања поврзани со Југоисточна Европа во американскиот Стејт департмент. Претходно Бејли бил директор на канцеларијата на САД за политички прашања во ОН, при бирото за меѓународни организации, каде што ги координирал политичките прашања пред Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите нации. Претходно бил дипломат во Ербил, Ирак, како американски регионален координатор за соработка со курдските власти и лидер на тимот за реконструкција на регионот Курдистан во Ирак. Дипломатската кариера ја почнал во 1985 година и служел во Бангладеш, Сенегал, Тајланд, Турција и во Холандија. Од 2005 година до 2007 година бил директор на прес-центарот за странски медиуми во Стејт департментот на САД во Вашингтон. Роден е во Синсинати, дипломирал на престижниот универзитет „Јејл“, магистрирал на европска историја на Колумбија, зборува француски, турски и тајландски јазик. Оженет е и има еден син.
Грците најрадосни
По изјавата на Бејли веднаш реагираа дел од грчките медиуми, кои неговите изјави ги протолкуваа како апсолутна поддршка за грчките позиции во спорот за името. Најтиражниот неделник кај јужните соседи „Прото тема“ смета дека одбивањето на Бејли да ги означи како Македонци граѓаните на Македонија е целосно на линија на грчките ставови според кои Словените и Славомакедонците предизвикале негативни реакции во земјава затоа што новиот амбасадор на САД го негира македонскиот идентитет во кој веруваат Македонците. Весникот сега смета дека, конечно, Грција барем делумно ја постигнала целта во согласност со која граѓаните не сметаат да се нарекуваат Македонија светот не смее да дозволи земјава да ги користи термините Македонија и да ги узурпира македонските симболи поради што ја блокираше Македонија во НАТО и ЕУ.
(Текст објавен во 108. број на неделникот Република, 26.09.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.