
Ацо Станковски
Оваа дихотомија во ликовната уметност, лансирана од втората и од третата генерација модернисти, посебно стана актуелна во 50–тите и во 60–тите години од минатиот век. Таа иста полемика што се водеше во капиталистичкиот свет (во комунистичкиот блок владееше соцреализмот) за правецот во кој требаше да се движи современата уметност, исто така го видовме и на нашата сцена (поточно, на југословенската).
Дилемата што се поставуваше околу неминовноста, вкупната современа уметничка сцена да се влее во едно чисто ликовно, апстрактно третирање на визуелната материја, да се биде во согласност со духот на времето, да се биде во дослух со науката, или да се биде еден вид метафизика на рационалните системи во гносеологијата, кои го окупираат модернистичкиот начин на гледање, да се биде спекулативен во поетиката, поспектакуларен од визиите на микроскопот (електронски) или од телескопот, кои се толку апстрактни, како повлечени од некоја хипер-потсвест, која, еве, дојде до една универзална, а толку лична димензија на креативноста. Или при овој трансфер кон „апстрактноста“ уметноста ќе го загуби сопствениот предмет на интерес, околу кој се градени безбројните поетики на минатото, е дилемата што ја окупира западната култура цели две децении, а трагите од овој полемички период се влечат до денес.
Набргу апстрактната уметност стана само еден од многуте стилски феномени, произлезени од модернистичките естетски идеологии, кои го преплавуваа западниот културен свет во целиот 20 век.
Процесот на разводнувањето на „апстрактните“ идеологии во уметноста почна со контроверзиите околу номинацијата. Имено, одреден дел теоретичари, веројатно инспирирани од енформелот (ритуален и мистички правец во апстрактната уметност) инсистираа апстрактната уметност да се преименува во „конкретна“ уметност. Ова, според нив, би бил вистинскиот назив за овој вид уметност, која се претставува самата себеси, за разлика од претставувачката уметност, која е илузионистичка и симулативна (пред сè, реализмот).
„Конкретната“ уметност е уметност што нема телеолошки и миметички барања. Таа е целосно ослободена од служењето на стварноста. Конкретната уметност извира од материјалот и личната автентичност на природата на уметникот. За заговорниците на овој, по малку утописки правец во уметноста (времето ќе покаже), уметноста не може да се враќа кон нејзината занаетчиска (миметичка) природа. Таа е осудена да им ги предаде своите историски „наративи“ на техничките уметности (фотографијата и филмот) и да се сврти кон самата себе генерирајќи конкретистички содржини, кои имаат ликовна сувереност и своја внатрешна естетска логика (како во музиката).
Но музиката има своја специфична генеза (апропо идеите на Кандински) и своја историја, која, иако функционира паралелно со историјата на ликовната уметност, има сосема друг внатрешен механизам, кој ја прави тоа што е – специфичен и единствен начин на искажување, впрочем, сите уметности се специфични и затоа постојат како такви. Да се експериментира со естетските слоеви во одредени уметнички дисциплини, не е нешто што дојде со доцната модерна. Оваа, да ја наречеме мултимедијалност (секоја уметничка дисциплина е, всушност, еден уметнички медиум) е позната уште од праисторијата, кога уметничките визии (ликовните), музиката и танцот го чинеле репертоарот на древните шамани – музичари, танчари, сликари, раскажувачи…
Потоа овој спој ќе го забележите при сите религиски (пред сè) прослави низ историјата на културите и на цивилизациите до денес. Денес сите овие „синестезии“ и синкретизми постојат во сите уметности, а фузирајќи се со помош на напредната технологија се инкарнираат во сосема нови уметнички медиуми, како што се филмот и видеото.
Овие две последни уметнички дисциплини како да ја собраа целата наративност во себе, оставајќи им на традиционалните уметности да се занимаваат со сопствената структурологија. Оттука таква специфичност и херметичност, но и алиенираност во однос на вообичаените начини на „читање“ на едно дело од страна на публиката. За Р. Гринберг, на пример, апстрактната уметност е презентирана низ делата на Бош или на Вермер, додека таканаречената „апстрактна“ или „конкретна“ уметност може да се нарече нефигуративна, што повторно реферира на отсуството на наративноста, но и на историчноста на конкретната уметност.
Од апстрактна, преку конкретна, до нефигуративна уметност, а некаде во 80–тите години од минатиот век нејзината догматска наметливост се тргна од историската сцена (тука мислам на историјата на уметноста). Сепак, таа остави врвни и инспиративни дела во историјата на модерната уметност. Од Кандински и Малевич, преку Мондријан, Волс, Жорж, Матје, Џексон Полок, Марк Ротко и Вилим де Кунинг…
Нивниот период на естетско владеење со западната уметност станува интегрален дел од историјата на уметноста на 20 век. Сепак, нивната (на апстрактните уметници) неочекувана појава на западната уметничка сцена не е толку автентична (настаната од „ништо“) како што изгледа на прв поглед.
Кај цели култури (како исламската) наративноста и мимезисот се редуцирани до (апстрактни) нефигуративни структури, како што е орнаментиката или калиграфската декорација. Исто така, ќе наидете на многу едноставни геометриски слики (слични на Малевичевиот „Црн квадрат“) од древната будистичка традиција – користени за медитација. А која слика не е слика за медитација, меѓу другото?
Потоа, тибетантските мандали, често правени од ефемерни материјали (песок и пигменти) за да се изрази „непостојаноста“ на оваа реалност.
Наспроти апстрактната уметност, која го означи најдоминантниот дел од модерната, фигурацијата ја живееше својата голгота низ еден ужасен и грд експресионизам (арт брут и неоекспресионизам), кои беа на самиот раб од неприкажувачкото. И сè така, до појавата на поп–артот, кој внесе една нова свежина во ликовната уметност, но овој пат целата естетика е поместена кон една силна, постиндустриска наративност, каде што ликовната уметност се инспирира од новите медиуми, како што се фотографијата и фотодизајнот, филмот, печатот и општеството. Поп-артот ја потисна „апстрактната“ уметност, незаинтересирана за реалноста и нејзината жовијална наративност.
Иако поп–артот се опишува како дел од модерната, тој во својата суштина е сè уште недефинирана постмодерна, барем што се однесува до главните идеолошки препораки на историската модерна. Поп–артот е директна естетско–идеолошка опозиција на „апстрактната“ уметност. Тој ги внесува сите традиционални естетски структури, но на еден нов и поинаков начин. Токму таа автентичност, која, во основа, е една чудесна отвореност кон акумулација на нови и нови естетски и наративни структури, ѝ даде нов контекст на тогашната уметност. Секако дека поп–артот не можеше да потрае подолго од неговата историска мисија, но од овој, во основа, интегрирачки правец во уметноста, произлезе понатамошната дискурзивност за современите естетики.
Во секој случај, неговата вехементна и еклектична претставителност ја стави адакта големата полемика околу апстрактната и фигуративната уметност.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


