| четврток, 6 декември 2018 |

Култура – никогаш доста

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Култура е кога шимпанзото на телевизискиот канал „Енимал планет“ глуми дека е мајмун.

Култура е кога на истиот канал ќе направат група од пет бабуни и на секој од нив ќе му дадат посебно име. Потоа нивните навики ќе ги споредуваат со човечките и при секоја необична појава ќе се чудат кој е пооригинален, попаметен и поглупав.

Култура е зипувана еволуција во ДНК.

Културата е семе од кое може да никне нова епоха.

Култура е тело на баба и дух на девојче. Тело на дедо и дух на дете.

Култура е караоке на боемска улица.

Култура е кога на прашање за милион долари одговараш со брзина поголема од брзината на мислата, и одговорот е точен.

Култура е кога на секое „зошто“ нема „затоа“, но прашањето продолжува да се поставува…

Култура е кога во воздухот има повеќе реалност отколку што може да се собере во сите продукциски куќи на светот, па така многу реални шоуа остануваат нереализирани.

Култура е кога сонцето подеднакво грее за сите, но сите не се еднакви. Култура е правењето разлика.

Култура е нијансирање скандал, афера, гласина и информација.

Култура е кога некој како Луј Витон може да си дозволи спалување на своите непродадени производи само поради тоа што не може да поднесе да бидат продадени со попуст… подобро тоа отколку да мисли дека е сонце…

Култура е ублажување на шокот со помош на хумор. Култура е кога на емисиите со сатирична содржина има ознака за под 16 години. Култура е кога емисиите со сексуална едукативна содржина не се табуизирани со терминот по полноќ кога изморените спијат за да можат да станат следното утро. Култура е кога правиш анкета за да провериш дали воопшто некој ги гледа тие емисии.

Културата е способност за самоконтрола. Култура е кога со помош на самоконтрола избираш што сакаш, а што не сакаш. Изборот на желби го правиш според старата дефиниција за слободата, дека слобода е кога не мораш да го правиш тоа што не сакаш, а не да можеш да го правиш тоа што сакаш…

Културата е вештина да преживееш без пари. Вештината е применлива и во обратната ситуација (со многу пари), но кога ќе научиш дека парите се средство за преживување, а не цел на живеењето, тогаш ќе ја знаеш нивната вредност и ќе можеш реално да ги цениш. Без да ги потценуваш како што тоа го прават идеалистите, ниту да ги преценуваш, како што тоа го прават материјалистите.

Културата е да си умерен во сè и да можеш да престанеш да јадеш кога ти е најслатко. Култура е да умееш да го зграпчиш мигот кога ти е најслатко и да се нахраниш со тој миг наместо да продолжиш непотребно да голташ и да се прејадеш.

Култура е кога Гоце Делчев смислил дека тоа е поле, одамна пред Лин Тагарт да го напише својот бестселер ПОЛЕ.

Култура е кога има доволно критична маса за да може да се соборуваат рекорди.

Култура е не што носиш, туку како го носиш.

Култура е кога на кремот против брчки пишува – убавината доаѓа однатре.

Културата е кога тоа внатре е доволно префинето за да може да биде и надвор.

Култура е кога на макароните пишува дека храната е лек, а лекот храна.

Културата е умно смислена утеха во безнадежни ситуации. Култура е џокерот на Отпишаните.

Култура е кога никогаш не си премногу паметен. Култура е кога иако е доволно, секогаш може уште.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top