Европската слободна алијанса, чијашто членка е и партијата на Македонците во Грција „Виножито“, протестира против именувањето на Димитрис Аврамопулос за еврокомесар за миграција и внатрешни работи и соопшти дека нема да го поддржи, јави дописникот на МИА од Атина.
Претседателот на Европската слободна алијанса (ЕСА) Франсоа Алфонси испрати писмо до претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во кое уште на почетокот, честитајќи му ја функцијата, му ја посакува „потребната мудрост, посветеност и добра среќа“ со цел да донесе вистински одлуки за сите европски граѓани и за Европа.
Потсетувајќи дека и кај претходната Комисија на чело со Баросо, ЕСА ја истаканала потребата од европски комесар за малцинства и жали што таква одлука не е донесена, Алфонси изразува загриженост за номинацијата на Димитрис Аврамопулос за комесар за имиграција и внатрешни работи.
„Нема да се фокусирам на фактот што Аврамопулос доаѓа од земја-членка со најлоши резултати во однос на третманот на имигрантите, затоа што претпоставувам дека ви е добро познат овој факт. Место тоа, сакам да ве информирам за следните многу сериозни контроверзии, кои се однесуваат на минатото на Аврамопулос и неговата претходна работа“ пишува Алфонси.
Тој потоа потсетува дека Аврамопулос е потпретседател на партија што неодамна во грчкиот парламент изгласа закон со кој на двојките од ист пол им се негира правото на заеднички живот и дека ниту тој, ниту неговата партија не реагираа на вулгарниот напад на наследникот на Јункер, премиерот на Луксембург Хавиер Бетел поради неговата сексуална ориентација.
Со оглед на фактот што Аврамопулос ќе биде задолжен за борба против хомофобијата во рамките на ЕУ, Алфонси смета дека неговите неодамнешни политички акции и изјави не можат да бидат поконтрадикторни со неговата номинација за комесар за внатрешни работи.
„Како комесар, Аврамопулос, исто така, ќе го надгледува спроведувањето на Шенгенскиот договор. Тој, исто така, ќе биде одговорен за заштита на малцинствата во рамките на ЕУ. Сигурен сум дека знаете дека неговата земја , Грција, води многу дискриминаторска политика што личи на апартхејд против (некои) Македонци со тоа што не им дозволува влез на територија на ЕУ само поради нивното потекло, и покрај фактот што ги исполнуваат сите критериуми. Згора на сè, грчката Влада официјално и постојано го негира постоењето на македонското и кое било друго етничко или јазично малцинство на нејзина територија. Многу се сомневаме дека политичар што ја претставува оваа тврда линија против Македонците и против малцинствата ќе биде во можност на позитивен начин да ги исполнува должностите во ЕУ за овие прашања, кога не успеа да постигне ни најмали резултати за време на неговите различни мандати како министер во грчките влади во изминатите 20 години“, се подвлекува во писмото.
Алфонси, исто така, потсетува и на видеоснимката што беше објавена ова лето додека Аврамопулос беше на позицијата министер за одбрана на Грција и која, според него, создаде „голема контроверзност“.
„На видеото се прикажани офицери и војници на специјалните сили на грчката армија за време на обука на Кипар, кои употребуваат крајно навредлив и одвратен речник против Македонците и Турците. И покрај тоа што медиумите многу јавуваа за инцидентот, Аврамопулос не почувствува потреба да го осуди, ниту да им се извини на македонскиот и на турскиот народ“, пишува претседателот на ЕСА.
Сите овие причини кај Алфонси предизвикуваат, како што вели, „многу сериозна загриженост со оглед на многу разочарувачките резултати на Аврамопулос за заштита на малцинствата, поле за кое сега е повикан да биде европски комесар“. Тој бара од Јункер да одговори каква политичка стратегија планира да преземе и силно му препорачува да ја преразгледа номинацијата на Аврамопулос за комесар за миграција и внатрешни работи на ЕУ.
„Виножито“ е рамноправен член на Европската слободна алијанса (ЕСА), чиишто европски пратеници се во заедничка парламентарна група со Зелените, и заедно ја прават шестата по големина група во Европскиот парламент.
За составот на новата Европска комисија ќе се гласа на 22 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.