| четврток, 6 декември 2018 |

„Хамлет“ со Дејан Лилиќ по пауза од речиси две години повторно на репертоарот на Драмски

Dejan-Lilic

По пауза од речиси две години, на репертоарот на Драмски театар во Скопје се враќа култната претстава „Хамлет“ каде што главната улога ја толкува Дејан Лилиќ. Режијата на оваа претстава е на Дејан Пројковски, која на репертоарот на Драмски театар е закажана за 16 октомври. Како што соопштуваат од Драмски, претставата е веќе распродадена. На сцената на овој театар се враќа уште една претстава, „Генетика на кучињата“.

– Со огромно задоволство повторно ќе ја играм „Хамлет“. Многу ми е драго кога се враќам во матичниот театар од каде што ја почнав кариерата – вели Лилиќ, актуелен директор на Македонскиот народен театар (МНТ).

Тој признава дека „Хамлет“ му донел многу нови искуства. Претставата својата премиера ја имаше во 2010 година.

– Таков е и текстот. Има убави мисли, фрази, идеи… Има многу поттекс и со секое играње секогаш нуди нешто ново. Во тој текст секогаш наоѓам некои нови работи кои ми помогнале и да се изградам како човек – додава Лилиќ.

Токму за оваа претстава Лилиќ ја доби наградата за најдобар актер на Меѓународниот фестивал во Подгорица, Црна Гора, а Пројковски беше награден за најдобар режисер.

– Ова е најгледаниот „Хамлет“ во Македонија – коментираше Роберт Вељановски, директор на Драмскиот театар, горд на наградите кои ги освоил неговиот театар.

Постерот за плакатот на „Хамлет“ на фотографката Елена Бојаџиева е објавен во њујоршко издание за плакати од претстави од Шекспир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top