| четврток, 6 декември 2018 |

Три години од новата зграда и од премиерата на „Вечната куќа“: МНТ може слободно да се гордее

Полека, но сигурно МНТ се наметнува како важен театарски центар во Југоисточна Европа. МНТ во последниот период има интензивна меѓународна активност, бидејќи само во овој месец со три претстави гостуваше во три земји (Полска, Русија и Романија), а првпат годинава Македонскиот народен театар имаше копродукција со престижниот Винер фествохен - изјави Дејан Пројковски

Пред три години со премиера на „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, а во режија на Дејан Пројковски се отвори новата зграда на Македонскиот народен театар (МНТ). По тој повод беше отворена истоимена изложба на која беа претставени костими и реквизити од претставата и беше прикажана кратка снимка од првата нејзината изведба на 7 декември 2013 година.

– За три години МНТ имал над 330.000 гледачи и над 900 реализирани претстави, што е околу 300 годишно на малата и на големата сцена. Тоа е голема, завидна бројка со која, кога ќе се спореди со национални театари од регионот, МНТ може да се гордее со она што го прави во изминатите три години. МНТ е дрво со длабоки корени и мислам дека и новата зграда и се што сега го правиме сите е продолжување на историјата и на патот на сите големи актери, режисери и великани што работеле тука – изјави Пројковски, кој воедно е и директор на националниот театар.

izlozba-vecnata-kuka-2-custom

Тој  се заблагодари на министерката Елизабета Канческа-Милевска за вложениот труд и заложби да се изгради новиот објект на театарот.

– Полека, но сигурно МНТ се наметнува како важен театарски центар во Југоисточна Европа. МНТ во последниот период има интензивна меѓународна активност, бидејќи само во овој месец со три претстави гостуваше во три земји (Полска, Русија и Романија), а првпат годинава Македонскиот народен театар имаше копродукција со престижниот Винер фествохен – додаде Пројковски.

Пред актери од МНТ и директори на други театри од Македонија зборуваше и Дејан Лилиќ кој беше  директор кога МНТ пред три години се пресели во новиот објект.

– Чувството што го имавме тогаш беше многу шарено, неверојатно, чувство кое никогаш оваа генерација наша не можела да го доживее. Но, имавме една водилка која не води во сите претстави што ги создаваме, а тоа е вербата. Да ја немавме вербата, немаше да го имаме ова. Не можат ништо да ни земат – ни талентот, ни срцето, ни душата, но не можат да ни земат уште една работа, а тоа е нашиот Македонски народен театар и оваа прекрасна зграда. Затоа што тој не сплотува сите нас, овие генерации, минатите и идните генерации, и ќе остане, без разлика на забот на времето кој може да избрише и да заборави. Тој ќе остане, за среќа, вечен – рече Лилиќ.

izlozba-vecnata-kuka-custom

Покрај подготовката на репертоарот, во МНТ се создава и театарскиот музеј кој ќе биде составен дел на институцијата.  Собрани се повеќе од 20.000 предмети меѓу кои и експонатите од претставите изведени во последните три години. Тие се презентираат на изложби во театарот и досега се организирани околу десет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top