
По пауза од речиси две години, на репертоарот на Драмски театар во Скопје се враќа култната претстава „Хамлет“ каде што главната улога ја толкува Дејан Лилиќ. Режијата на оваа претстава е на Дејан Пројковски, која на репертоарот на Драмски театар е закажана за 16 октомври. Како што соопштуваат од Драмски, претставата е веќе распродадена. На сцената на овој театар се враќа уште една претстава, „Генетика на кучињата“.
– Со огромно задоволство повторно ќе ја играм „Хамлет“. Многу ми е драго кога се враќам во матичниот театар од каде што ја почнав кариерата – вели Лилиќ, актуелен директор на Македонскиот народен театар (МНТ).
Тој признава дека „Хамлет“ му донел многу нови искуства. Претставата својата премиера ја имаше во 2010 година.
– Таков е и текстот. Има убави мисли, фрази, идеи… Има многу поттекс и со секое играње секогаш нуди нешто ново. Во тој текст секогаш наоѓам некои нови работи кои ми помогнале и да се изградам како човек – додава Лилиќ.
Токму за оваа претстава Лилиќ ја доби наградата за најдобар актер на Меѓународниот фестивал во Подгорица, Црна Гора, а Пројковски беше награден за најдобар режисер.
– Ова е најгледаниот „Хамлет“ во Македонија – коментираше Роберт Вељановски, директор на Драмскиот театар, горд на наградите кои ги освоил неговиот театар.
Постерот за плакатот на „Хамлет“ на фотографката Елена Бојаџиева е објавен во њујоршко издание за плакати од претстави од Шекспир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


