
На вечерашната седница, Влада донесе сет мерки за болеста син јазик со кои ќе им се помогне на сточарите. Како што истакна заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиноски, во Дневникот на МРТ, договорени се сет мерки во две групи кои се однесуваат пред се на превентивно заштитна акција.
Мерките предвидуваат сите сточари во одгледувалиштата да го исчистат ѓубрето за да може да се изврши дезинсекција на сите штали од страна на ветеринарните доктори, по што ќе следува премачкување на сите животни со репелент за одбивање на инсектите преку кои се пренесува болеста.
Досега се заболени околу 30.000 животни од кои 7.000 се угинати, а превенцијата ќе се проведува за да не се рашири болеста.
Владата на вечерашната седница донела одлука да се одвојат 18 милиони денари кои ќе им се дадат на ветеринарските станица за прскање, а Костадиновски апелираше земјоделските аптеки да не ги зголемуваат цените.
-Постојано сме на терен ние и ветеринарските инспекции. Ситуацијата е тешка и веднаш на итна седница решивме да ги донесеме овие мерки, прво од превентивна и заштитна природа. Постојано ќе бидеме на терен и ќе ја следиме состојбата преку 330 лица кои секој ден ќе бидат присутни во одгледувалиштата и ќе дават извештај до надлежните, по што ќе се разгледа ситуацијата и ќе бидат донесени нови мерки, изјави заменик министерот Костадиновски за МРТ.
Втора група мерки се однесува на ослободување од пашарина за сите сточари кои имаат угинати животни, односно во жариштата каде има син јазик. Сточарите потребно е да го пријават секое животно кое ќе угине кај ветеринарен испектор и тоа да се констатира со записник, за да може да добијат субвенција како надомест за одвивање на сточарските активности.
Кон случаите на злоупотреба ќе бидат применети најстроги санкции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


