Во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска беше промовиран третиот том од публикацијата „Меѓународни документи за независно и ефикасно судство“ со поддршка на ОБСЕ.
Публикацијата ги содржи мислењата 13-16 на Консултативниот совет на европските судии (ССЕС) со референтни документи и селектирана судска пракса на Европскиот суд за човекови права, со фокус на мислењето 16 посветено на односите помеѓу судиите и адвокатите.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет, истакна дека мисијата на ОБСЕ долго време соработува со судскиот сектор особено со Академијата за судии и обвинители, а публикацијата и дистрибуцијата на оваа книга е дел од ваквата соработка.
– Ние сметаме дека таа претставува одлична можност да се учи од овој еминентен суд и од судството во него и таа ќе помогне во подобрувањето на судската практика во јурисдикцијата – изјави Брет.
Според директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудова, значењето на овие документи е огромно за Република Македонија бидејќи не постои ниту една реформа на правосудниот систем која при изготвувањето на законските измени на системските закони во правосудството не се базираат на мислењата на Консултативниот совет на Европските судии (ССЕС), на меѓународните документи и практиката на Европскиот суд за човекови права.
– Оваа активност на Република Македонија е високо признаена во Совет на Европа, ние сме уникатна држава којашто ова го прави со цел доближување на меѓународните стандарди до нашите судии и обвинители и другите правни професии. Заради тоа големо признание за оваа наша активност е доаѓањето на претседателот на Консултативниот совет на Европските судии, Барт ван Лироп, кој е судија на Апелациониот суд во Хаг – посочи Арнаудова.
Претседателот на ССЕС, Барт ван Лироп, пак, рече дека мислењата ги содржат основните принципи на правоудството и на однесувањето на судиите од 47-те земји членки на Европскиот совет, како што се односите меѓу судиите и адвокатите, улогата на советите за судството или, пак, годишното евалуирање на судството.
– Многу е важно што овие мислења се преведени на македонски јазик, бидејќи на тој начин македонските судии, адвокати и другите чинители на правосудниот систем ќе можат целосно да ги искористат ваквите мислења – додаде Ван Лиероп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




