Тридневните ограничувања за населението во Сиера Леоне, кои беа воведени за да се спречи ширењето на најтешката епидемија од ебола во историјата на земјата, овозможиле да бидат откриени 56 нови случаи на зараза и според неофицијални податоци биле пронајдени 92 тела.
Иако властите не успеале да стигнат до некои градски реони, карантинот нема да биде продолжен, соопшти Стивен Гаоџија, шеф на Центарот за итни операции, кој раководи со процесот за борба против болеста, додавајќи дека во суштина „целта е постигната“.
Власта во Сиера Леоне на целото шестмилионско население во земјата му забрани да излегува три дена од своите домови без специјална дозвола. За тоа време, доброволци оделе по куќите и давале информации за вирусот, но и ги изнесувале починатите.
Синоќа, неколку часа пред да истече рокот на забраната, жители на некои квартови во главниот град Фритаун излегле на улиците, за да го прослават со песни и танци истекот на ограничувањата.
Во текот на овие три дена некои граѓани се пожалиле дека имало и недостиг на храна, а Светската програма за исхрана на ОН соопшти дека испратила 20.000 пакети со храна за најзагрозените.
Во Сиера Леоне од смртоносниот вирус досега починаа над 560 луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.