Владиниот проект „Ало докторе“ почнува од понеделник, 15 септември. Со него граѓаните ќе можат со јавување на телефонскиот број 15-123 да се консултираат за определена здравствена состојба или околу симптоми што ги чуствуваат.
– Во проектот се вклучени доктори специјалисти со најмалку 10 години искуство што е различно од диспечерите кои се јавуваат во Итната медицинска помош кои што се општи лекари, а дел од специјалистите се и штотуку пензионирани доктори – изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Во овој проект ќе се вклучат сите директори од скопските клиники и здравствените установи во градот кои што ќе работат по една смена во месецот во кол-центарот „Ало докторе“ по четири часа. Односно секој ден од 18 до 22 часот ќе има по еден доктор, односно специјалист или доктор на науки со огромно искуство, кој ќе прима повици и ќе дава совети на граѓаните кои ќе се јават на телефонскиот број.
Со него се очекува околу 20 проценти од повиците насочени кон итната медицинска помош да бидат преусмерени на телефонскиот број 15-123 и на тој начин да се забрза реакцијата на итната медицинска помош и да се зголеми квалитетот на здравствените услуги.
Ваков концепт веќе функционира во сите поразвиени здравствени системи во европските држави како што е Естонија, чиј модел е пресликан и во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.