Ресавската школа завладеа на Бихаќка. По шест векови пауза, препишувањето повторно стана основна дејност, овој пат во опозициските кругови. Несомнено е влијанието на оваа школа во 15 век и врз Македонија, како и врз соседните земји. За него зборува квалитетот на преписите од школата, која била и мерило за ваква дејност сѐ до 18 век, однос цели три века по нејзиното гаснење. Вистинското прашање е кој сега на скопската уличка, по шестотини години, ја има улогата на Константин Филозоф, најизвиканиот претставник на Ресавската школа. Дали е лидерот или, поверојатно, некој од советниците, но кој и да е – улогата му е премногу ретро.
На неколку пати се покажа неприкосновената ресавска вештина на опозицијата. Најиндикативен и забележлив беше примерот кога лидерот од збор до збор ја повтори ланската порака за Илинден, а сега помпезно создаде и презентираше „нова“ стратегија за дејствување, базирана на старите четири столба од изборната програма. Познато е дека тимот што победува не се менува, логично е истото да важи и за програмата или за стратегијата. Но кога зборуваме за истите тие столбови врз основа на кои СДСМ и сателитските партии загубија со околу 200.000 гласови разлика, нивната повторна употреба не може да се опише никако поинаку освен како мрзливост или безидејност. Од друга страна, пак, не го сменија ниту тимот што им го донесе катастрофалниот пораз. Набљудувачите од страна би рекле – време е некој на скопската уличка сериозно да се фати за работа, доста блефираа…
Ретерирањето стана белег на лидерите на СДСМ
Во меѓувреме, по неколкуте ресавски откровенија, премногу идентични за да поминат незабележано во јавноста, се случи уште едно повторување во дејствувањето на опозицијата. Овој пат, тоа не беше препишан текст, туку манир и начин на дејствување, кој, очигледно, е дел од фотороботот на раководниот кадар на СДСМ. Репетицијата на веќе стореното својата премиера ја доживеа на суд, само еден ден по дебаклот со нивниот сведок Газда Нини, за кој подобните пера веднаш удрија во контраофанзива и му најдоа многу мани, меѓу другото и дека на Велигден бил фатен како се „крши“ со дрвено јајце. Следуваше избликот на лидерот, кој вчудовиди многумина, благо кажано за целата македонска јавност, иако и дијаспората не остана имуна на драстичното лидерско ретерирање.
Но сите заборавија дека повлекувањето од кажаното е дел од постоењето и од вештината на лидерите од овој дел на Бихаќка. Основоположникот на овој чин е, кој друг, ако на папата, личниот политички гуру и идол на актуелниот сопственик на тронот, или чувар?
Токму Црвенковски ги постави стандардите на ваквото однесување на челникот. Прво со настаните од 24 декември, кога вети дека – нема мрдање од пред Собранието, за по два часа да си заминат. Да, беше зима и студено… Следуваа протести, кои траеја несреќни и неверојатни два дена, за да бидат „принципиелно“ привремено прекинати од истиот лидер, кој ги укина поради новогодишните празници, во исто време кога, според нив, „газеше режимот и се убиваше македонската демократија“. Најдрастичниот пример на ретерирање дојде на 1 март 2013 година, кога за само два часа убедување на „чешкиот булдожер“ и првенец на МГИМО, Филе, Црвенковски прекине со бојкотот на парламентот и се врати на избори.
Престолонаследникот, очигледно, само го следеше светлиот пример на својот идол, па затоа и кажаното во судските одаи, по првичната зачуденост од кажаното, по кратка и мала пауза не наиде на поголема вчудовиденост кај граѓаните, кои веќе се навикнати на вакви дела, па само ги подигнаа рамениците и воздивнаа. А тој јасно и гласно и без срам и перде си кажа дека не обвинувал никого, туку само прашувал?!
Последната работа на Филе како последен воз за СДСМ?!
Опасно се проретчија и можните сценаријата за опозициско дејствување, чијашто крајна и конечна цел е враќањето на власт. Одамна е јасно дека насилното враќање е нешто за што опозицијата нема капацитет. За тоа е потребен народ, кој ќе ги послуша и ќе тргне по нивните ламентации за божемен режим и борба за слобода. Доказ за недостигот од овој клучен фактор не се само изборите. Најдобар пример беа „отпорничките“ протести во 2012-2013 година, кои бидејќи не можеше да се собере доволно народ, преминаа во протести со автомобили. Другата опција или скриеното сценарио за нивно триумфално враќање ја најави самиот Заев, кој мистериозно предочи дека имаат адут во ракавот, убиствен за ВМРО-ДПМНЕ, но истовремено и за Македонија. Надежта на сите заинтересирани за таинствениот „криптонит“ на СДСМ е дека не се работи за истото средство од 2001 година, кое им ја обезбеди власта веќе следната, 2002 година. Засегнатите, пак, барем на Бихаќка, искрено се надеваат дека и овој „криптонит“ Заев не го добил од Ден Дончев…
Третата и мошне веројатна опција и сценарио што повеќе личи на „Трамвајот наречен желба“ е меѓународната интервенција, т.е. „братска“ помош на загрижените моќни држави, кои преку ред чекори и афери за делегитимирање на актуелната власт, би им овозможиле фуриозно враќање во стилот на спасители на државата, толку посакуваната и увежбувана улога на раководството од скопската уличка, која сѐ уште живее во прикаската дека „некои прашања не заслужуваат одговор“. Проблемот е што и за нив тие немаат нешто конкретно за да понудат, или, можеби, и имаат?
Во овој контекст, очекувањата на СДСМ се насочени и кон октомврискиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија. Надежите на врхушката и на тие околу нив се дека еврокомесарот за проширување ќе излезе и ќе даде негативен извештај, кој би произлегол, од ништо друго, туку токму од нивните чекори – непризнавањето на резултатите на изборите, бојкотот на парламентот и фингирањето на политичка криза во државата, која, буквално, се навикна на ваквото однесување на опозицијата.
Извештајот за напредокот на земјите-кандидати, меѓу кои и Македонија, ќе биде дел од последните активности на Филе, открива за „Република“ неговиот портпарол Петер Стано. Според гласноговорникот на еврокомесарот, неговиот мандат официјално завршува на 31 октомври, а Филе, дефинитивно, ќе биде тој што ќе го презентира извештајот на ЕК за напредокот на РМ. Од кажаното многу ќе зависи и дејствувањето на опозицијата, која „со душа“ чека државата да ја загуби препораката, иако и петте претходни не ѝ донесоа нешто на Македонија.
Сепак, за инает на желбите на СДСМ или, поверојатно, поради поглобални причини, се појави еден проблем, кој се вика Украина. Токму во контекстот на оваа светска криза и новата „студена војна“, за која многумина се надеваат дека ќе остане само студена, беше и берлинската иницијатива на Германија, која го прибра Западниот Балкан под свое и од средба премина во четиригодишен процес, за, не дај Боже, да не застрани кон Русија. Чинот на Ангела Меркел дојде по кажаното на Жан-Клод Јункер дека следните пет години нема проширување на ЕУ. Во ваква глобално-политичка констелација, постои мала веројатност дека Брисел и Европската комисија би се осмелиле да одземат препорака, која, впрочем, и не ја реализираа во преговори поради небулозниот проблем на Грција, кој, меѓу другото, не е дел од Копенхашките критериуми. Што би рекле, на Бихаќка не ѝ се погоди со Украина… Сепак, извори од врвот на владејачката партија не сакаат да прејудицираат и не ја отфрлаат оваа можност, колку и да е неверојатна. А СДСМ и натаму се крсти во Филе, првенецот на московскиот универзитет, кој е најпознат бастион и извор на кадри за КГБ…
Докажаните вљубеници во грчката драма, особено во ефектот на посакуваната Деус екс макина или Божјата рака, кои истовремено својата пасија ја надградија со театарот на апсурдот, во моментов го сменија насловот на Бекет. И така, опозицијата веќе одамна ја зафати повторувањето на бесмислиците како белег на антидрамата. Сега, најпосакуваното „четиво“ на скопската уличка е „Чекајќи го Филе“. Годо ќе почека подобри времиња, или во контекст на опозицискиот апсурден наплив, се чека на лидерот со неговиот „криптонит“, кој ќе дојде денес, утре, а можеби и вчера…
Уште една стратегија падна во вода. Се вика 5.000 тимови на терен, или 10.000 до 30.000 партијци што секојдневно ќе ги посетуваат и советуваат граѓаните слушајќи ги на терен нивните проблеми, желби и препораки. Причината за пропаста на оваа идеја, која е дел од столбот, е што, според сите познавачи на состојбите, за партијата е невозможно да најде и мотивира толку голем број луѓе, кои, меѓу другото, треба да бидат и невработени за по цел ден да се со своите сограѓани. Второто, уште побитно е што тие треба да работат про боно или, во овој случај, на принципот на ветување за вработување при доаѓање на власт. Најголемиот проблем е што толкав број работни места за партијци е научна фантастика, нешто што го знаат и самите партиски војници. Затоа и иницијативата, промовирана лично од Заев, остана само идеја и нема ниту абер од нејзина реализација. Шегобијците ќе речат – можеби повторно ќе ретерира или можеби – неподобните медиуми измислиле 5.000 тима, а тие биле 50… Или беа пет…
Потези смислени од денес за утре и недостиг од конкретна понуда и програма
СДСМ најави „работна есен“, составена од т.н. четири столба и вонинституционално дејствување на пратениците и на сѐ уште само најавените 5.000 тима на терен. Ги прашавме познавачите на состојбите кои се нивните очекувања во однос на резултатите на овие нивни чекори и кои би биле можните, други сценарија на партијата за враќање на власт. Проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска вели дека, очигледно, партијата не ги учи лекциите, па и овој пат својата стратегија ја потпира врз губитнички столбови. Политикологот Владимир Божиновски цени дека на опозицијата ѝ недостига многу, многу работа за да им даде вистинска понуда на гласачите.
Каракамишева-Јовановска: За жал, СДСМ, сите овие речиси осум години опозиционерско дејствување никако да фати вистински, препознатлив и добитен правец во политичкото дејствување. Никако да ѝ успее да се претстави како силна, сериозна, организирана, конзистентна опозициска партија со сопствена, добитна стратегија, која ќе биде успешна конкуренција на добропознатата програмска стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Недозволено долго трае процесот на рехабилитација и на внатрешно консолидирање на СДСМ. Секој обид за вистински нов почеток е, всушност, или бледа копија на тоа што ВМРО-ДПМНЕ го правеше при своите постпанорамски почетоци, или ад хок смислени политички потези од два-тројца, кои се чинат загубено во политичкиот простор затоа што, реално, не се дел од некаков вистински осмислен, сериозен и долгорочен план на дејствување. Се добива впечаток дека најголем дел од чекорите на СДСМ се смислени од денес за денес. Дури и самите не вложуваат енергија за да ја прикријат сопствената неорганизираност и разногласието, кое како раштимуван оркестар секојдневно се чувствува на политичката сцена. Веќе не можам да ги избројам најавените „работни есени“ на СДСМ, кои доживеале вистинско фијаско токму поради нивната конфузност и неорганизираност. Иако СДСМ направи одредени промени во кадровската структура, направи неколку промени на партискиот лидер, сепак тоа што вистински не успеа да го промени, а поради што оваа партија ги загуби и ќе ги губи сите наредни избори, е што нема вистинска, 100-процентна посветеност во работата што ја работи, што се чувствува отсуство на работна дисциплина, отсуство на чувство за одговорност кон тоа што се работи.
Ако порано, посебно на самите почетоци од осамостојувањето на РМ како држава, вели Каракамишева – Јовановска, можеше да помине и граѓаните можеа да простат неработа и политичко парадерство поради отсуство на вистинска политичка визија и програма, денес тоа е завршена приказна. Денес, нагласува таа, граѓаните имаат високи очекувања, имаат повисоки барања од политичарите, бараат дела, а не само зборови за некакви акции што никогаш не доживуваат позитивна разврска или не покажуваат позитивен ефект.
Каракамишева-Јовановска: Мислам дека и оваа „работна есен, 2014 година“ на СДСМ, според најавеното и презентираното од лидерот, господинот Заев, нема да се разликува по ништо од тоа што досега го имаме видено како практикување на политика на СДСМ, од едноставна причина што бомбастично најавената „стратегија“ за вонинституционално дејствување е далеку од тоа што вистински значи стратегија во практика (документ со точно утврдени задачи, кои треба да се реализираат, со прецизни рокови за нивно реализирање, со конкретни обврски, итн.). Четирите столба врз кои се заснова најавената „стратегија“ се препишани слогани од тоа што како „изборна програма“ СДСМ им го понуди на граѓаните на предвремените парламентарни избори, но и на претседателските избори, во април 2014 година, и на кои избори опозицијата предводена од СДСМ загуби со повеќе од 200.000 гласа разлика од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи, „новата стратегија“ СДСМ ја потпира на губитнички „столбови“. Оваа симболика е доволен показател, но и реален показател дека во оваа партија ништо не се менува, лекциите по не знам кој пат не се научени. Токму затоа оваа нивна „стратегија“ ја нарекувам стратегија на поразот и на неуспехот. Зошто пораз и неуспех? Затоа што бојкотот никогаш не бил решение за ништо, не само во политиката, туку и во животот. Кој бојкотира? Кој се откажува од борбата? Само тој што е слаб, кој нема што да понуди, и кој не се/го научил(е) да се бори во животот.
Божиновски: Има речиси четири години до следните избори. Проблемот е што СДСМ мора прво да се реформира внатрешно, па дури потоа да работи кај гласачите. Јас не видов ништо ново. Голем дел од видните членови ги немаше во кампањата, што резултираше и со пад на гласовите. Потребна е внатрешна реконструкција. Што ќе прават тие 5.000 тимови и како ќе реагираат кај гласачите? ВМРО-ДПМНЕ правеше нова понуда, па натаму настапуваше кон гласачите. Што ќе прават овие 5.000 тимови? Ќе одат од врата до врата и на луѓето ќе им велат: „Гласајте за нас!“ Зошто? Немаат одговор на тоа, и додека го немаат нема да има ништо од оваа идеја. Прашањето е дали се немоќни да ја направат оваа реформа или се работи за некаква горделивост на раководството, како да се плашат од тоа. Не можеш да ги привлекуваш гласачите врз основа на реформа што не постои!
Реално, а и гледано од страна, сето ова, особено со засега имагинарните тимови на терен, личи на најава за остра 3,5-годишна кампања. Колку овој чин е политички исправен и, од друга страна, го издава ли и моментот дека на Бихаќка уште отсега се подготвуваат за следните избори во 2018 година?
Каракамишева-Јовановска: Убаво рековте, измислени 5.000 тимови на терен. И оваа бројка е дел од „стратегијата“ што треба да ја дозакопа оваа губитничка политика на СДСМ. Во желба да претстави нешто сензационално, да го привлече, барем за момент, вниманието на јавноста, раководството на СДСМ сѐ повеќе самото политички се дозакопува. Не знам зошто имаат потреба да се расфрлаат во јавноста со бројки, со предлози во кои и самите не веруваат. Да потсетиме на неколку нивни ветувања, кои не ги реализираа, а ги изнесоа пред граѓаните: формирање влада во сенка, формирање парламент во сенка, техничка влада, како едно од петте барања на опозицијата за нивно враќање во Собранието на РМ, а кое неколку недели подоцна се трансформира во барање за „четири министерства“, итн. НЗС на сите нивни изјави и ветувања е неконзистентноста и неодговорноста.
Каракамишева-Јовановска вели дека, навистина, ќе ја израдуваат доколку го демантираат сето тоа што го има кажано досега и ако, на пример, навистина успеат да состават и да излезат со 5.000 тимови од партиски активисти на терен со задача да сработат нешто конкретно и во интерес на граѓаните. Вели дека ќе ја стави настрана и дилемата и небулозата што се поврзува со суштината на теренската работа на овие тимови, која, како што беше најавено од партискиот лидер, треба да ги чуе мислењата и потребите на граѓаните, па врз нивна основа СДСМ да ја гради идната политика на сопствено дејствување!?
Каракамишева-Јовановска: И во овој дел се чувствува дека лончињата се измешани, но како и да е. Ќе им простиме сѐ, па дури и за момент ќе заборавиме дека опозицијата е таа што треба постојано да им нуди на граѓаните подобар живот, подобра програма од постојната, подобри решенија од владејачките, доколку, навистина, остане на зборот и барем еднаш успее да реализира една своја најава. Иако на сите ни е јасно дека граѓаните треба да се консултираат тогаш кога партиите имаат што да понудат, а не обратно. Партиите, а посебно опозициските партии, не треба да постојат само како име на хартија, туку треба точно да знаат дали некои решенија се добри за граѓаните или не.
Божиновски: ВМРО-ДПМНЕ има константна платформа од 450.000 гласови, која постојано се зголемува, а СДСМ мора да привлече многу повеќе од својата константна бројка, која беше 350.000, а сега се намали. Во основа, бројката од 5.000 тимови е преголема, па дури и да најдат толку луѓе, тие ќе немаат што да кажуваат за да ги убедат гласачите. Потребна е една солидна платформа. Одамна помина времето кога се гласаше против.
Негативен извештај на ЕК само сон за СДСМ, или одраз на ароганцијата?
Негативен есенски извештај на ЕК за Македонија е само сон за СДСМ, вели Каракамишева. За Божиновски, пак, тоа е доказ за ароганцијата на раководството, а негативните точки во извештајот и нивното очекувано нагласување би биле бадијала, токму поради фактот што партијата нема што да им понуди на гласачите.
Каракамишева-Јовановска: И овие прогнози се само сон на СДСМ, сон на политичари што не умеат да се докажат со дела колку се успешни, туку им се потребни негативни извештаи, или друг вид сензационализми, за да можат да „блеснат на јавна сцена“ со критизерство и со „гледање сеир на штета на сите“. Речиси сум сигурна дека нема да има негативен извештај од Европската комисија за напредокот на РМ. Можеби ќе има одредени забелешки, кои ќе се однесуваат на водењето на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата токму поради одлуката на опозицијата да го бојкотира Собранието и да отсуствува од работата на претставничкиот орган во земјата, но извесно е дека нема да има извештај со кој би била доведена во прашање препораката на ЕК, исто како што нема да има речиси ништо од најавената сензационалност од „корупцискиот скандал“ во кој е, наводно, вмешан претседателот на Владата на РМ. Време е СДСМ да се соочи со себе, со своите негативни политички чекори, кои одат на штета на сите, и да сврти нов лист на водење политика со која, конечно, ќе демонстрира зрелост, одговорност, сериозност, посветеност и, пред сѐ, вистинска почит кон работата и трудот и кон тие што знаат вистински да работат и да создаваат.
Божиновски: Ароганцијата кај дел од раководството на СДСМ е бескрајна. Не може да се очекува да се тргне препораката. Штом некој ти ја дал врз основа на исполнување на задачите, а не ја спроведува поради ирационален проблем со Грција, нема никаква логика да ти ја одземат, тогаш се негираат самите себе. А СДСМ и покрај тоа, што и да се случи, нема што да понуди. Неговите политички противници прават автопатишта, привлекуваат инвестиции во ваква лоша економска клима за Европа и за светот, а тој не нуди апсолутно ништо.
Па дури и да ја земе препораката и да најде и нагласи некакви негативни точки во неа, СДСМ и натаму не ќе може да одговори на прашањето – зошто граѓаните да гласаат за него? Политичките партии можеме да ги гледаме како економски субјекти. На пазарот нудат нешто и тоа минува или не, секако, во овој случај се работи за програми и за проекти. Како СДСМ очекува да ја продаде марката, кога нема со што? Основното прашање е зошто да се гласа за него? Кога ќе одговори на ова прашање, дури тогаш ќе можеме да зборуваме дали има и какви шанси има во иднина.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 105. број на неделникот „Република“, 5.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.