| четврток, 6 декември 2018 |

Џихадистите протераа 850.000 лица од нивните домови

Над 850.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови од почетокот на овој месец поради офанзивата на џихадистите од групата Исламска држава (ИД) во северниот дел на Ирак, соопшти Меѓународната организација за миграција.

Повеќето од овие луѓе, кои морале да се спасуваат од етничките и религиозни чистки на сунитските екстремисти, пронашле засолниште во Ирачки Курдистан и неговите соседни провинции Ниневија и Диала.

Ако се земат предвид и бегалците од борбите во провинцијата Анбар во јануари, бројот на внатрешно раселените во Ирак од почетокот на годинава достигнал 1,6 милиони лица.

– Ваквите загрижувачки бројки сведочат за долгорочна криза, која може да доведе до таму што многу луѓе ќе имаат потреба од хуманитарна помош, изјави координаторот на организацијата за вонредни ситуации во Ирак, Брајан Кели.

Според него, нема слична криза како оваа во Ирак, каде „луѓе кои имале свои домови и семејства и релативно стабилен живот, сега живеат во состојба на голема паника и неизвесност за својата иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top