
Брачната двојка Јанко и Жаклинарешија да се повлечат од фестивалите и почнаа со работа со школа за гитара и за естрадно пеење „Узун“ во Скопје. Оттогаш, па натаму сите свои нови проекти ги презентираат на своите годишни концерти, што секој декември со учесниците во школата ги одржуваат во Скопје и на кои секој ученик свири по една нумера во живо.
Скромен, ненаметлив, едноставен. Благодарен што ете сме се сетиле да напишеме нешто и за него и за неговото музичко дело.
– Ние сме вистински амбасадори на својата татковина, кои преку песната и инструментот ја презентираме нашата култура. Токму затоа треба да им се дава поголема важност и почит на уметниците. Македонската музика е една од најубавите на светот и ние треба да направиме вистинска препознатлива марка од неа. Дури, сметам дека и во нашите евровизиски настапи треба да им се даде можност на некои наши народни инструменти, кои вешто би се вградиле во еден модерен ритам – вели на почетокот од разговорот за „Република“ пејачот и врвен инструменталист, Јанко Узунов.
Узунов е валандовчанец. Потекнува од родители што биле многу музикални. Мајка му Милица имала прекрасен глас. Била избрана на аудиција и од Богданци ја викале во Скопје да пее на радио. И татко му, кој бил еден од главните организатори на отпорот против фашизмот во Валандовско, бил многу музикален. Така Јанко, носејќи го талентот во себе, ја засакал музиката. Во петто одделение се вклучил во училишниот оркестар – прво свирел на мандолина, а потоа на гитара.
Во 1966 година, како средношколец, ја формирал групата „Златни стени’’. Свиреле поп – рок и за кратко време доживеале огромна популарност, особено по освојувањето на неколку први награди на тогашните републички гитаријади, кои во тоа време биле мошне актуелни.
Три години подоцна дошол во Скопје за да студира на Земјоделскиот факултет, каде што подоцна и магистрирал како агроном. Истата година ја почнал и својата солистичка кариера. Бидејќи Скопскиот фестивал му бил предизвик, учествувал на сите негови изданија.

Од 1975 година почнал да компонира забавна музика. Тогаш се запишал и на Музичката академија. Таа година како дебитант учествувал со две композиции – „Со цвеќе да ме пречекаш“ и „Ти проштавам сè“ ,која ја испеал Момо Николоски и добил втора награда од публика. Еден од најголемите хитови на Јанко Узунов, секако, е „Момчето со мандолина“ со која учествувал во Опатија, на Изборот за песна за „Евровизија“ во 1976 година и бил еден од фаворитите, но… Текстот го напишал Ѓоко Георгиев, за кого Узунов има исклучителна почит, а музиката Славе Димитров, кого, исто така, многу го почитува.
Паралелно компонирал и изведувал и фолклорна музика. Прва композиција што ја направил била „Народен Делчев војвода“, со која во 1972 година, на фестивалот во Врњачка Бања добил прва награда за композиција од жирито. Инаку, КУД „Танец“ и денес ја користи оваа песна во своите настапи. Во тој период формирал и две групи,„Детелинки“ во забавната музика и популарната „Сирма“ во народната музика.
Од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век почнал со интензивни настапи по светот. Досега реализирал 14 турнеи во Австралија, 12 во Канада и многу концерти низ Европа. На тие турнеи преку песната и инструментите сакал да ја претстави вистинската изворна македонска песна. А нашинците тоа со одушевување го прифаќале. Тие концерти за Јанко биле незаборавни и засекогаш ќе останат длабоко во неговото паметење.
– На тие настапи сфатив дека Македонците што се далеку од татковината многу повеќе ја сакаат и ценат македонската музика отколку ние тука – со резигнираност заклучува Јанко.
Во осумдесеттите години почнал да учествува на Валандовскиот фестивал, кога и официјално ја почнал соработката со Жаклина, денес негова сопруга. Со Жаклина на Валандово отпеале многу хитови и освоиле многу награди.
Тоа се песните „Срце изгоре“, „Јас те љубам до века“,„Момче бре“,„Заплачи моја Македонијо“ и „Чаки панкерот“, која е прва фестивалска хумористична композиција и станала вистински хит. Јанко со гордост се присетува на далечната 1987 година.
– Таа година заедно со Смиља Андоновска настапивме на фестивалот во Илиџа и освоивме прва награда од жирито за композицијата „Двајца пак сме сега“ – вели Узунов.
Во 50-годишното постоење на фестивалот, тоа е единствена награда што ја добиле пејачи Македонци. Текстот е на неизбежниот Георгиев и бил одбран за најдобар. Следната година на Илиџа добил награда за аранжман на песната „Еј планино“. Од 1990 година заедно со Жаклина учествувал на фестивалот за патриотски и родољубиви песни ,„Гоце-фест“ и во првите три години добил највисоки признанија. Најзабележителни песни што оставиле трага на фестивалот се: „Славниот јунак Гоце“, „Македонче соколе“, „Не се давај Македонијо“и „Македонско знаме“, која ја отпеал заедно со групата „Сирма“.
Во 1994 година се случил ненадеен пресврт во нивната музичка кариера. Решиле да се повлечат од фестивалите и да почна со работа со своја школа за гитара и за естрадно пеење „Узун“ во Скопје. Оттогаш, па натаму сите свои нови проекти ги презентираат на своите годишни концерти, што секој декември со учесниците во школата ги одржуваат во Скопје и на кои секој ученик свири по една нумера во живо. Овие новогодишни традиционални хуманитарни концерти се посветуваат на некоја значајна личност или на некој кому му е потребна некаква помош. Во школата годишно музицираат по педесетина ученици и Јанко и Жаклина се гордеат со тоа што го здобиваат учениците како квалитет по напуштањето на школата. Потоа тие се вистински презентери на македонскиот народен мелос.

Узунов паралелно со ова подготвува и четири книги за изучување модерна гитара. Тоа што ќе имаат можност да го изучуваат неговите следбеници е базирано на неговото досегашно искуство за четири степени музичко образование. За крај вели дека уште сега почнува да размислува за организацијата на големиот концерт што сака да го направи при крајот на следната година, а по повод 50 години од неговата музичка кариера. Горд е на сето тоа што го создал досега во музиката и смета дека тоа треба да биде достоинствено обележано.
(Пишува: Тони Стојковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Тага во фудбалскиот свет, почина еден од најдобрите светски судии Стефано Фарина
-
Браќата Маџирови ќе се сретнат по 17 години: Мене ништо друго и не ми преостана туку да го барам Игор меѓу овие 88 дирки (ВИДЕО)
-
ИН МЕМОРИАМ: По долго и тешко боледување почина доајенот на македонскиот кајак, Мичо Поповски
-
Вања Лазарова: Ќе се сети ли некој на нас ако самите се заборавиме?


