„Игор живее“, често ќе напишеше Зоран за својот непребол и 17 години по неговото заминување.
„Мене ништо друго и не ми преостана туку да го барам Игор меѓу овие 88 дирки. Ова е неговиот раштиман клавир, а јас често си мислам дека меѓу овие 88 дирки некаде ќе си направиме муабет – јас и брат ми Игор Маџиров“, со овие зборови започнува документарниот филм „Интервју за Игор Маџиров“, објавен на 13-годишнината од смртта на актерот.
Денес Актерот, во стилот на пинк Пантер, го пречекува Музичарот на небесната сцена. Да си посвират, да си позборуваат, заедно да го понесат аплаузот – за виртуозноста. Петар Пан, Могли или дедето со црвената коса, помладиот брат на Зоран, чичко ѝ на Нина, му ги отвора небесните порти на брата си – на небото да ја величаат уметноста, тој со играта, а Болтмен со музиката.
Игор Маџиров беше еден од најталентираните и најхаризматичните актери во Македонија. Познат по улогите од серијалот „Во светот на бајките” во кои го глумеше „Малиот Петар”, „Петар Гаван”, улогата во „Пред дождот”, како Петар Пан и Како Могли, но и по многу други улоги во Театарот за деца и младинци. Последната претстава во неговиот живот беше „Убавицата и Ѕверот” која ја одигра осум часа пред смртта.
Животот на Игор заврши во 2000 година. Според истрагата се самоубил скокајќи од балкон. Многумина, меѓу кои и неговото семејство, се сомневаат дека не се работи за самоубиство…
Зоран никогаш не ја надмина загубата, особено што како што ќе рече колегата и другар на Игор, Драган Довлев „по смртта на Игор се случиваа многу лоши работи, се пишуваа многу невистини, многу измислици“.
„За неговата прерана смрт, веројатно, сме сите ние околу негово голема доза виновни, а во уште поголема доза веројатно и тој самиот“, вели Зоран во „Интервјуто“.
Браќата Маџирови потекнуваат од музичко семејство, а првото знаење за џез-тапаните Зоран ги добил од својот татко. Потоа започал да учи пијано, труби и удиралки. Заминува за Германија, каде што студиите по музика ги продолжил во Минхен и на Универзитетот во Келн. Во Европа настапувал заедно со триото Les Barons Karamazoff, со кое реализирал два проекта: Historical recordings и Pytagora’s glasess and lute. Го револуционаризирал концептот на соло-перкусионист, свирејќи ги делата на класичните композитори Игор Стравински и Моцарт. Со триото Les Barons Karamazoff настапи на Скопскиот фестивал 2000 година со своето виртуозно свирење на шишиња, чаши и останати необични инструменти.
Тој со своето семејство живееше во Загреб. На светската јавност Маџиров ѝ беше познат како Ботлмен, односно човекот кој свири на шишиња. На 7 октомври 2016 година настрада во стравотна сообраќајна несреќа. Во коматозна состојба, Маџиров беше префрлен на КАРИЛ во Скопје, каде што лекарите се бореа за неговиот живот. Сообраќајната незгода се случи кај „Пилав тепе“, на патот меѓу Струмица и Радовиш. Зоран Маџиров со својот автомобил удрил во цистерна која била превртена на патот, а по 7 месеци се упокои.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)