| четврток, 6 декември 2018 |

ЕМОТИКОНИ

Budimka-Popovska-2_90x115

Будимка Поповска

Во Скопје наскоро ќе се отвори Клуб за смеење, во кој ќе можат да се зачленат и да доаѓаат само оние што ќе бидат во состојба своите грижи да ги остават пред вратата на клубот.
Фатмаѓул е предложена за почесен претседател на клубот.

Научно се докажани лековитите својства на човечката смеа. Освен тоа, заразна е. Доволно е да видите дека некој умира од смеење. Или само да си го замислите кикотењето. Тоа е вистинска експлозија на позитивни емоции којашто природно го опушта телото и секој дел го прави способен да чувствува среќа.

Дури постои и една појава што во кинези-терапијата се нарекува внатрешна насмевка, со којашто се релаксираат внатрешните органи на телото.

За почеток, направете ја следната едноставна вежба: седнете во удобна положба и дишете длабоко. Пред да заспиете, визуелизирајте насмевка во сите органи од вашата утроба. Со сето срце. Со полна плуќа. Опуштено. До дното на стомакот.

Шега на страна, но смеењето е една од најсериозните работи на светов. Како што тоа прекрасно го одглуми Робин Вилијамс во „Друштвото на мртвите поети“, кога им објаснуваше на своите ученици дека никогаш не треба да ја губат надежта, и дека ако одреден проблем нема решение, тогаш заслужува да биде погледнат од некој друг агол, со малку повеќе трпение, по што следи пријатното изненадување колку било лесно да се реши нешто што пред само неколку секунди се чинело како безизлезна ситуација.

Тешко им е на јавните личности да се изборат за малку приватност, посебно во мигови кога и тие самите себеси не се разбираат.

Но далеку од умот е да се помисли за човек како Робин, дека со толку позитивна енергија и смисла за хумор, би имал и ронка суицидални склоности во себеси…

Како одминува времето, сè помалку простор останува за верување во фабрикуваните хепиенди на холивудската фотокопирница на сценарија.

Сите проблеми на овој свет ги прави само едно нешто – негативната енергија.

Кажано со јазикот на емотиконите – болката. Патосот. Во природата тоа би биле грмотевиците, громовите, молњите. Празнењето на негативната енергија често знае да предизвика катастрофа, доколку нема соодветно заземјување. Громобран.

Капиталот на трагедиите? Тој мора да се врти.

Минатата седмица особено беа вознемирувачки видеата на кои заробени американски новинари во своите последни 30 секунди од животот го молат Обама да ја смени својата воена стратегија. Трогателно, потресно, неверојатно.

Од друга страна, бреин-вош серијалите на турската тв продукција во последниве десет-петнаесет години, делува мошне седативно на реципиентите. „Опиумот“ за народот од црквите се пресели на тв-екраните. После толку опиеност како да се прави разлика помеѓу реалност и фантазија? Како, кога само што заврши приказната за Есмер, свечениот глас на спикерот на една нацинална телевизија со помош на швајц апарат го повикува верното стадо во среда во точно 21 ч. на нова фамилијарна терапија пред малите екрани. Нема да ви се верува дека е снимена уште подобра серија од оваа за која мислевте дека е најдобрата, а за жал завршува утре. Но што може да е подобро од ова? Се покажа дека седативното дејство на малите телевизиски катарзи може да игра улога на златна кокошка и од неа подобро да се заработува дури и од продажбата и шверцот на оружје или дрога.

За едно нешто мора да ѝ се оддаде признание на моќната турска продукција на серијали – што успеала да не потпадне под влијание на холивудскиот терк за производство на среќен крај! Сообраќајки, убиства, тепачки – колку сакаш! Така можеме полесно да им веруваме на вознемирувачките видеа…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top