| четврток, 6 декември 2018 |

Полициска акција во Аеродром за апсење на учесниците во инцидентите

По инцидентите на протестите кои попладнето се случија пред зградата на владата, полицијата вечерва спроведува акција во скопската населба Аеродром за приведување на учесниците во насилствата. Информацијата ја потврдуваат од МВР од каде соопштуваат дека до сега има неколку приведени, но точна бројка ќе соопштат утре.

– На денешните протести пред владата се собра поголема група млади лица. Тие почнаа да се однесуваат насилно и да фрлаат камења кон зградата на владата и кон полицајците. Неколку полицајци се пожалија дека биле погодени со камења. Групата била потисната и почнала да се повлекува, но при тоа продолжила со насилно однесување. Оштетени се неколку полициски возила, но и приватни возила. Групата фрлала камења и кон автобуси на ЈСП. Досега се приведени неколкумина, но тече акција за пронаоѓање и на останатите учесници во протестите што биле регистрирани од полицијата дека се однесуваат насилно, изјави Иво Котевски, заменик – министер задолжен за односи со јавност.

Насилствата избија откако неколку стотини млади луѓе попладнето излегоа на протести барајќи смена на министерот за одбрана Талат Џафери. Во инцидентите неофицијално, имало повредено шест полицајци и пет граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top