| четврток, 6 декември 2018 |

Викендов во Галичник ликовна колонија по 26. пат

Традиционалната интернационална Ликовна колонија Галичник, својата годинашна, 26. по ред сесија ќе ја почне во петок, 15 август и ќе трае до 22 месецот. На неа ќе учествуваат девет уметници од повеќе земји и тоа: Дејвид Гринберг – Велика Британија (еден од минатогодишните претставници на Велика Британија на Венециското биенале); Катарина Банушевац – Србија; Јоана Пиару – Романија; Беким Корча – Косово; Маурин Бахаус – Холандија; Ајсберг Фернандез – Шпанија; Јетон Муја – Косово; Бригита Антони – Црна Гора и Ана Лазаревска – Македонија. Годинашната сесија на ликовната колонија Галичник, со цел да го одржи не само квалитетот и професионалноста, кој е веќе потврден и од домашната уметничка фела и критика, но и од странската, туку и да биде во чекор со најновите текови во уметноста, и овој пат ќе опфаќа работа само и исклучително со таканаречените „нови медиуми“, т.е. фотографија, дигитална графика, фотоинсталација, видеоарт, видеоинсталација. Сите учесници се значајни и афирмирани уметници во земјите од каде доаѓаат, а и пошироко, со исклучителни остварувања зад себе и иако повеќето млади имаат веќе изградени богати биографии.

Очекуваме и убедени сме, дека и годинашната креативна средба, како и сите досега, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела, а Ликовната колонија Галичник уште еднаш ќе го докаже квалитетот и посебноста, поради која стана препознатлива и единствена манифестација не само во Македонија, туку и на светската арт мапа, вели уметничкиот раководител, Ана Франговска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top