Македонија направи спортско чудо, а Белгија прокоцка сигурна победа во првиот квалификациски дуел на овие две селекции во групата Д, за пласман на Евробаскетот в година, пишуваат белгиските медиуми.
„На чуден начин ни побегна победата во Скопје. Имавме големи 13 поени предност по првото полувреме и речиси сигурни бодови против Македонија. Сами се доведовме во загубена ситуација, иако според квалитетот имаме шанса да се пласираме на Евробаскетот“, стои во коментарот на белгискиот портал „Спорт“.
Со предност од 36-23 Белгијците заминаа на пауза меѓу двете полувремиња. На стартот од продолжението на сцена стапи „црвено-жолтата“ фурија. Македонските кошаркари се разбудија од летаргијата, одиграа многу подобро. По едно продолжение славевме против Белгија со 76-73, откако во регуларниот дел беше 62-62.
За Македонија следуваат три натпревари на гости, против Данска на 13 август, потоа со Белорусија 4 дена подоцна и со Белгија на 20 август. Квалификациите и битката за едно од двете први места што водат на Евробаскетот в година ќе ги завршиме со два меча дома. Против Данска ќе играме на 24 август во Скопје, а со Белорусија на истиот терен во салата „Борис Трајковски“ ќе ги одмериме силите уште еднаш на 27 август.
Првопласираните селекции одат сигурно на ЕП, а со нив ќе патуваат и најдобрите 6 од 7 второпласирани репрезентации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.