| четврток, 6 декември 2018 |

Невозможно „Добредојдовте во Македонија“ ја вознемири Грција

thessaloniki_airport.jpgeditedВо безбројните вести со разни обвинувања кон Македонија, деновиве се појави и информација дека некои патници што слетале на аеродромот „Македонија“ во Солун, добиле „навредлива“ СМС во која „Скопје им посакува добредојде во својата земја“. Информацијата прво беше објавена на некои блогови и слабо посетени информативни портали, но денеска ја објавуваат и порелевантни извори, меѓу кои е и информативниот портал „Њузнау“.

Според грчките медиуми, „инцидентот“ се случил пред два дена и покренал многу прашања. Една млада Гркинка слетала на аеродромот во Солун со диркетен лет од Брисел. Кога го вклучила мобилниот телефон, за кој се истакнува дека за време на летот бил исклучен, добила две СМС. Во едната ѝ било посакано добредојде во Македонија, а втората „предизвикувачка“ порака гласела: „Добредојдовте во Македонија, колевка на цивилизацијата. За време на Вашиот престој препорачуваме да го посетите Музејот на македонската борба и Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје, Меморијалниот центар на Тоше Проески во Крушево, Музејот на вода во Охрид и Древната опсерваторија во Кокино. Т- Мобиле Ви посакува добредојде во Република Македонија“.

mobile-phones-006Семејството на патничката, за која се вели дека била многу млада, било многу луто поради „инцидентот“. Мајката на патничката за „Њузсит“ изјавила дека била засрамена од тоа што се случило и рекла дека очекува грчкото МНР остро да реагира за случајот.

– Не е можно грчки граѓани што пристигнуваат на аеродромот „Македонија“ во Солун да добиваат пораки од Скопје – истакнала таа. Веб-сајтот, наводно, уште утредента го информирало грчкото МНР за настанот. Грчкото МНР засега не објави ништо за овој случај.

Од „Т-мобиле“ велат дека е невозможно да се случи такво нешто, доколку телефонот за време на летот бил исклучен како што тврди патничката. Операторот испраќа таква порака на сите странци што ќе се најват на негова мрежа при влез во Македонија.

– Во случајот со Грција, претпоставуваме дека при слетување на солунскиот аеродром ја добиваат нашата порака бидејќи претходно (при прелетување на авионот блиску до нашата граница) се најавиле на наша мрежа (телефонот им бил активен). Ова се случува само кога телефонот ја има вклучено опцијата за автоматско избирање мрежа“, велат од „Т-мобиле“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top