| четврток, 6 декември 2018 |

Житар (aвгуст) 2

Aco-Stankovski-2_190x120

Ацо Станковски

Аугурите (на еден посреден начин) му кумувале на месецот житар. Имено, Аугустус, што значи свет или величествен и што бил атрибут на староримските цареви, потекнува од називот на овие древни свештеници–аналитичари. Август е, пак, почесно име на римските императори. Октавијан Август, чиешто владеење се датира од 31 година пр.н.е., па сè до 14 година, всушност, е староримскиот император, по кого е именуван овој месец. Дури и името на императорот Август – Октавијан иницира нумеричка ознака на месецот, во кој тој е роден (во соларно пресметаниот календар), а тоа е бројот осум.

Изобилството и плодноста на овој месец коинцидира со изразот августовска доба (период на голема книжевна и уметничка активност), време на културна, економска и политичка благосостојба, која добива милениумска парадигматична аура. Во триесеттата година од царувањето на Октавијан Август е роден и месијата на христијанската вера, Исус Христос. Тоа, веројатно (за еден голем и влијателен дел од човештвото) и го означува најплодниот момент на универзумот, кога Севишниот се еманира во човечко суштество, во мислечка материја, во аватар (инкарнирање на Бога во човечка плот – според хиндуистичката религиозна традиција).

Кај нас, Македонците, месецот август има круцијално симболичко значење (на ниво на поновата историја). Имено, втори август (Илинден) е симбол на нашата државност и национален идентитет (како четврти јули за Американците) и тоа во два наврата: во трагичните настани од 1903 година (Балканците сакаат да ги слават своите порази), кога по десет дена е уништен небулозниот обид за остварување (по револуционерен пат) суверена национална држава Македонија – некои сè уште тврдат дека се работи за ослободување на бугарските територии од османлиската воено-политичка доминација… и, секако, 1944 година, кога (веројатно да се отстрани недоразбирањето и да се потврди тенденцијата), е конципиран АСНОМ (во услови кога бугарската фашистичка држава се најде од другата страна на фронтот, во однос на волјата на македонскиот народ и дел од народностите, кои му се спротивставија на окупаторот…). Секако, еден дел од Македонците партиципираше во бугарските фашистички редови негувајќи ја традицијата на бугарштината, но овој број е мал, сосема мал во однос, на пример, на вклученоста на Албанците во пронацистичката организација „Бали Комбтар“, чијашто цел, како тогаш, така и сега, е создавање на Голема Албанија по цена на геноцид врз другите етноси… но, еве го алибито, кое доаѓа во ликот на Капетан Леши и надежта што еволуцијата ја нуди како излез од менталитетот на дегенерираните трла антрополошки… како позитивна културна интеракција, како љубов меѓу пријателите и љубовниците од различните етноси, конфесии, класи, раси и пол… А, ако и тоа не е доволно, тогаш да го повикаме апсурдот, чијшто непоимлив хаос сите ќе нè измете од сцената со својата фатална фантомска метла кон есхатолошките сфери… сите тие војници и офицери на турскиот аскер, сите тие комити и илинденци, партизани и фашисти, Американци и терористи… сите тие, како суви листови во небиднината на апокалиптичниот виор… дезинтегрирани во „несфатливото“ и повторно инкарнирани како деца (демеморирани и деидентифицирани), случајно затечени во некој циркус, раскикотени од патетични акции на некој Глупав Август.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top